Во текстот се објавува ставот на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски кој ја критикува синхронизираната блокада на Изборниот законик од страна на Венко Заев и Апасиев, истакнувајќи дека тие работат против правото на дијаспората да гласаат поради страв од уште поголем пораз на изборите.
СДС и Левица, предводени од Венко Заев и Апасиев, настапуваат синхронизирано во обидот да го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик. Со поднесување на десетици илјади амандмани тие го кочат законското решение кое со месеци беше усогласувано со учество на сите политички партии, истакна денеска Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Стравот од уште поголем пораз на Венко Заев и СДС, вели тој, ги притисна да се противат на електронско гласање на дијаспората, затоа што токму тие луѓе заминаа од државата поради нивното катастрофално раководење со Македонија.
„Свесни за исходот, одат против носење на нов Изборен законик.
Од друга страна пак, го имаме Апасиев и Левица на кои никогаш не им е доста од повеќе пари, па од кога ја исцедија сопствената партија, побараа повеќе пари за финансирање на кампњата, нешто што едногласно беше прифатено за новиот Изборен законик. Меѓутоа, глумецот Апасиев сака да се претстави како тврдокорен и тој договор што го прифатија позади завесата за нов Изборен законик, не му одговара пред завесата и не сака да го потпише договорот, за да се покаже пред своето мало гласачко тело како Робеспјер“.
Очигледно е, додава Манасиевски, дека ниската доверба како и падот на рејтингот на СДС и Левица ги наведуваат на политички блокади наместо на конструктивна работа.
„Наместо да помогнат државата да ги исполни реформските цели и да го задржи темпото во користењето на средствата од Планот за раст, тие избираат конфронтација и опструкција“.
ВМРО-ДПМНЕ, според Манасиевски, ќе продолжи да работи одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните. „Наш приоритет останува спроведување на реформите, носење на квалитетни законски решенија и обезбедување на еднакво избирачко право за сите македонски граѓани, вклучително и за дијаспората“.











