Најмногу дожд наврна во Скопје-Црешево – УХМР објави колку врнежи паднаа низ Македонија

Макфакс

01/07/2026

21:05

365

Големина на фонт

а а а

Силно невреме зафати делови од Македонија, при што најголема количина на дожд во последните 12 часа е измерена во Скопје-Црешево, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Врнежите биле локални, а временската прогноза најавува подобрување на времето.

По силното невреме што денеска зафати делови од државата, најголема количина дожд во изминатите 12 часа, заклучно со 20 часот, е измерена во Скопје-Црешево, каде наврнале 74 литри дожд на квадратен метар, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според измерените податоци, во Гази Баба се регистрирани 44 литри на квадратен метар, во Крива Паланка 29, во Берово 22, а по 18 литри во Скопје-Зајчев Рид и Струмица.

Во Попова Шапка се измерени 15 литри, во Карпош 13, во Претор 12, по 11 литри во Ѓорче Петров и Демир Капија, 10 во Гевгелија, девет во Кавадарци, осум во Велес, седум во Петровец, пет во Тетово, а по три литри во Виница, Маврови Анови и Ѓуриште.

Од УХМР посочуваат дека овие вредности се измерени на дождомерните станици и дека, поради локалниот карактер на врнежите, на одделни места количината на наврнат дожд може да била значително поголема од регистрираната.

Во најновата временска информација, УХМР наведува дека во вечерните часови преовладува променливо облачно време, а слаб локален дожд има само во Полошкиот регион.

До крајот на денот облачноста постепено ќе се намалува, а во текот на ноќта не се очекуваат нови врнежи. Ќе преовладува претежно ведро време.