Александар Николоски, заменик претседател на Владата и министер за транспорт, на потпишувањето на договор за грант од Светска банка, истакна дека следува најголема реформа во железничкиот сообраќај во Македонија, со цел модернизација и развој на карго и патничкиот транспорт преку крупни инвестиции и набавка на современи возови.
Имаме јасна визија за комплетна промена на железничкиот сообраќај. Ако наследивме претпријатија на раб на пропаст и пред банкрот, сега имаме карго сообраќај кој бележи сериозен раст, имаме раст на број на патници, имаме крупни инвестиции во изградба на нови пруги, водиме политика на развој на Железницата како срцевина на економијата, се обрати денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на потпишувањето на Договорот за грант со директорката на Светска банка за Македонија, Керол Межеван.
Договорот кој е во износ од еден милион евра треба да даде поддршка во реформата во преструктурирање на МЖ Транспорт со цел созадавање на функционално претпријатие.
Николоски истакна дека со изборот на оваа Влада, приоритет е МЖ Транспорт да се надградува и да се модернизира.
„Најпрво направивме законски измени со коишто практично го зачувавме претпријатието, имајќи предвид дека последните одлуки на претходната Влада значеа затворање на Железница Транспорт. Потоа влеговме во сериозна реформа внатре во Железница Транспорт и веќе првите резултати се гледаат. Оваа година имаме позитивни бројки во првите четири месеци. Имаме раст и во бројот на превезени патници и она што е особено значајно и што мене многу ме радува, сериозен раст на карго сообраќајот“, истакна Николоски.







