Редок феномен стои зад двата земјотреси во Венецуела, во интервал од 39 секунди

Макфакс

25/06/2026

19:20

300

Големина на фонт

а а а

Двата силни земјотреси што го погодија северот на Венецуела во краток временски интервал од 39 секунди претставуваат редок сеизмолошки феномен со два речиси еднакво силни потреси, што е необично во споредба со вообичаените земјотреси и афтершокови.

Двата силни земјотреси што вчера ја погодија северна Венецуела претставуваат редок сеизмолошки феномен познат како „двоен земјотрес“ (doublet), соопшти Американскиот геолошки завод (USGS).

За разлика од вообичаената низа потреси, каде по главниот удар следуваат значително послаби афтершокови, кај овој феномен се случуваат два речиси еднакво силни земјотреса во многу краток временски интервал и на мала меѓусебна оддалеченост. Иако се поврзани, тие сеизмички се сметаат за два одделни настани.

Според USGS, двата земјотреса во Венецуела најверојатно потекнуваат од различни раседи. Можно е првиот земјотрес да го активирал вториот, бидејќи поместувањето на земјината кора ја зголемило напнатоста на соседниот расед.

Ваквите појави се ретки, но не се непознати. Во 2023 година Турција и Сирија беа погодени од два разорни земјотреса со магнитуда од 7,8 и 7,7 во интервал од девет часа, додека во Австралија во 1988 година биле регистрирани дури три силни земјотреса во рок од половина час.

Северна Венецуела синоќа беше погодена од два силни земјотреса во интервал од само 39 секунди. Првиот бил со магнитуда од 7,2, а вториот, кој според Американскиот геолошки завод бил главниот удар, достигнал 7,5 степени.