Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави предлог за построги правила и повисока старосна граница за управување со електрични тротинети, со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот, особено кај младите возачи.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се предвидува заострување на казнената политика и регулативата за користење електрични тротинети, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според Тошковски, анализите покажуваат дека најголем број сообраќајни несреќи во кои учествуваат електрични тротинети се регистрирани кај младата популација, особено кај лица на возраст до 17 и 18 години.
Нагласи дека нелегалното управување со тротинети, возењето по две или повеќе лица на едно возило, непочитувањето на правилата и некористењето заштитна опрема често резултираат со сериозни последици.
Со најавените законски измени се разгледува и зголемување на старосната граница за управување со електрични тротинети.







