Официјално: Реал го потврди и третото летно засилување

Дерби

18/06/2026

12:40

727

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид зад себе остави втора разочарувачка сезона без ниту еден освоен трофеј и тоа го вклучи црвениот аларм во шпанската престолнина, па откако во клубот беа свикани претседателски избори, пристигнаа и низа возбудливи најави во вид на промени на играчкиот кадар.

Флорентино Перез го исполни тоа што го најави по победата на изборите, па по официјалната потврда на Жозе Мурињо, почна да ги носи и играчите кои ги најави за време на претседателската кампања.

Интересно, Реал Мадрид прво потврди две имиња кои не беа споменати за време на предизборните активности, но откако беа официјализирани ангажманите на Марк Кукурелја и Бернардо Силва, денеска пристигна вест и за третото летно засилување.

Станува збор за Ибрахима Конате, фудбалер кој прв беше најавен од Перез како прво договорено засилување, а поволна вест за „кралевите“ е што доаѓа како слободен агент.

Реал со Конате го употреби рецептот „Ридигер и Алаба“, односно доби докажан стопер кој веќе неколку години наназад играше на елитно ниво во Европа, а притоа не потроши ниту едно евро за трансфер.

Францускиот репрезентативец има 27 години, а Реал Мадрид извести дека неговиот договор е во важност до 2030-та година.