Алиу: Инвестиравме над 279 милиони денари во модернизација на Општата болница во Струмица

Макфакс

17/06/2026

15:10

156

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Азир Алиу и претседателот на Владата Христијан Мицкоски ја посетија Општата болница во Струмица по повод завршената реконструкција и адаптација. Инвестицијата од над 279 милиони денари овозможува модернизација на капацитетите и набавка на нова медицинска опрема, со цел поквалитетна здравствена заштита за жителите од регионот.

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска ја посетија Општата болница во Струмица, по повод комплетно реализирање на проектот за реконструкција и адаптација на оваа установа.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 279.3 милиони денари, а проектот опфати обемни градежни, инфраструктурни и технички зафати за модернизација на болничките капацитети.

„Со оваа инвестиција Општата болница во Струмица доби современи услови за функционирање и дополнително го зајакна својот капацитет како регионален здравствен центар за повеќе од 200 илјади жители од Струмица, Радовиш, Валандово, Босилово, Василево, Ново Село и околните општини. Инвестициите во болничката инфраструктура остануваат еден од клучните приоритети на Министерството за здравство, со цел создавање модерен, ефикасен и достапен здравствен систем кој ќе обезбеди поквалитетна здравствена заштита за сите граѓани. Инаку, за оваа установа обезбедивме и нова најсовремена медицинска опрема – компјутерски томограф, во вредност од 43.5 милиони денари, а изминатиот период се реализирани 55 нови вработувања со цел зајакнување на кадарот“, истакна министерот Алиу.

Во рамки на заложбите за регионализација, додаде тој, ова е значајна инвестиција за граѓаните од Струмичкиот регион, затоа што ќе значи подобра здравствена заштита, побрз пристап до здравствена услуга која ќе ја добиваат поблиску до местото на живеење.