Парохијата на Богородица Кармелска (порт. Nossa Senhora do Carmo) и нејзиниот Пасторален совет итно ја отстраниле свежо нанесената боја од верските статуи на споменикот Калварија, кој се наоѓа на јавниот плоштад Praça do Cruzeiro во градот Кармо до Кајуру, во бразилската сојузна држава Минас Жераис.
Причината за ваквата реакција бил нестручен обид за реставрација за време на редовно одржување, кој предизвикал огромен револт кај локалното население и верниците.
Историските скулптури што ги прикажуваат сцените од Христовото страдање со текот на времето биле оштетени поради изложеност на временските услови, поради што парохијата нарачала работи за нивно одржување.
Сепак, грубиот и невнимателен пристап на ангажираниот молер ја шокирал заедницата. Ликовите на Дева Марија, Исус и другите фигури биле обоени со силно нагласени веѓи, испакнати очи, густи трепки и светлоцрвени усни, поради што повеќе наликувале на силно нашминкани ликови од цртан филм отколку на верски претстави.
Фотографиите од споменикот пред и по интервенцијата брзо се прошириле на социјалните мрежи, а револтираните жители ја преплавиле парохијата со поплаки, нарекувајќи ја работата непрофесионална и исполнета со непочитување, пренесува „Daily Mail“.
Disastrous restoration of celebrated religious sculptures sparks outrage in Brazil as Virgin Mary is given 'lipstick and bulging eyes' https://t.co/xMw3HSnfvW
— Daily Mail (@DailyMail) June 15, 2026
„Не ни се допадна“
Многу граѓани ги опишале новонасликаните лица како уништување на културното наследство, оставајќи коментари како:
„Му го насликале окото на Исус целосно накриво“ и „Каква грдотија“.
Соочени со остри критики од јавноста, црковните претставници реагирале уште истиот ден, ја отстраниле спорната боја и на скулптурите им го вратиле нивниот првобитен бел изглед.

Црквата преку официјално соопштение признала дека е направена грешка и потврдила дека конечниот резултат предизвикал непријатност кај голем број верници и жители.
„Историските дела беа сериозно оштетени од времето, но конечниот визуелен резултат од оваа интервенција воопшто не ни се допадна. Цртите на лицата беа насликани на целосно погрешен начин, поради што веднаш презедовме мерки за да ја поништиме интервенцијата“, соопштила парохијата.

Од етички причини, парохијата одбила да го открие името на лицето или компанијата одговорна за спорната реставрација.
Во моментов е започната потрага по квалификуван експерт за реставрација на сакрална уметност кој ќе ги изврши потребните конзерваторски зафати, но засега не е познато кога точно ќе започне новата обнова.

По случајот се огласила и локалната самоуправа, нагласувајќи дека немала никаква улога во проектот и дека секое изведување работи на јавен имот мора претходно да биде одобрено.
„Одржувањето и бојадисувањето на овие верски претстави не е договорено, одобрено ниту побарано од општината“, изјавил портпарол на локалните власти.









