Исплатени над две милијарди денари субвенции за тутунарите, Мицкоски вели дека веќе може да си ги видат на сметките

Макфакс

16/06/2026

13:10

181

Големина на фонт

а а а

Владата исплати над две милијарди денари субвенции на повеќе од 15 илјади тутунари, со што за две години преку директни плаќања и програми за рурален развој се исплатени околу 15 милијарди денари на производителите на тутун.

Владата денес ги исплати субвенциите за тутунарите. Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека се исплатени над две милијарди денари на повеќе од 15 илјади тутунари во земјава.

„Како што кажав вчера, денеска се исплатени нешто повеќе од две милијарди денари субвенции кон тутунарите. Денеска веќе ќе ги видат на своите сметки, повеќе од 15 илјади тутунари кои што ги исполниле условите за да ги добијат овие субвенции“, рече премиерот Мицкоски.

Со оваа исплата на тутунарите, Владата за две години по основ на директни плаќања и плаќањата преку програмата за поддршка на руралниот развој исплатила сума од околу 15 милијарди денари.

„Ако направиме споредба на овие две години и годините 2021, 2022 и 2023, три години на претходната Влада, тогаш ќе дојдеме до следниот заклучок – во овие две години се исплатени 15 милијарди денари, вклучително и долговите од 2021 година, а претходната Влада во три години, ‘21, ’22 и ‘23 исплатила вкупно нешто помалку од 14 милијарди. Една милијарда помалку за три години, а оваа Влада една милијарда денари повеќе за две години. Таа е разликата отприлика меѓу економијата на оние што прават лажна хистерија и привид во јавноста и овие кои работат и испорачуваат. Тоа се бројки, тоа се факти“, вели премиерот Мицкоски.

Министерството финансии соопшти дека на 15.144 тутунопроизводители денес им се исплатени 2.028.714.243 денари субвенции за произведен и предаден тутун во 2025 година.