Новата "Toyota MR2" пристигнува со централно поставен мотор, погон на сите четири тркала и повеќе од 400 КС.
"Toyota" го потврди развојот на нов спортски автомобил со централно поставен мотор, за кој се верува дека ќе биде духовен наследник на легендарниот модел "MR2". Иако неговото пристигнување не се очекува пред крајот на деценијата, одредени детали веќе се познати.
Главниот инженер на одделот "Toyota Gazoo Racing", Наохико Саито, откри дека тестирањата покажале дека комбинацијата од централно поставен мотор и погон на сите четири тркала претставува идеално решение за врвни перформанси.

"Toyota" моментално ја развива технологијата преку прототипот "Concept M", кој се натпреварува во јапонската серија "Super Taikyu". Овој автомобил засега користи погон на задните тркала, но сериската верзија би требало да добие AWD систем.
Се очекува новиот спортски модел да биде инспириран од дизајнот на концептот FT-Se (на фотографиите), додека за погонот би можел да биде задолжен новиот G20E 2.0-литарски турбо бензински мотор со четири цилиндри.

Според досегашните информации, ќе развива повеќе од 400 коњски сили.
Покрај моќниот мотор, идниот наследник на "MR2" би требало да користи и нов осумстепен автоматски менувач развиен за моделите "GR Corolla" и "GR Yaris".
Иако љубителите на спортските автомобили на "Toyota" ќе мора да почекаат уште неколку години, јасно е дека јапонскиот производител подготвува сериозно враќање во сегментот на компактни спортски автомобили.





