ВМРО-ДПМНЕ: Филипче тоне со секоја следна анкета, нема поддршка, па се впушти во романса со Бугарија

Макфакс

11/06/2026

09:20

137

Големина на фонт

а а а

Во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ се истакнува дека програмата на СДС и Венко Филипче не дава позитивни резултати, додека сепак тие настојуваат на блиски односи со Бугарија. Партијата ги критикува уставните измени под бугарски диктат и ги заштитува националните интереси, истакнувајќи дека Филипче се маргинализира поради неговиот однос кон соседната држава.

Демагошката програма на СДС полна со празни и излитени флоскули, на Венко Филипче не му носи никакви позитивни резултати или пак посакуван ефект. Тоа го потврдуваат и последните анкети кои повторно покажуваат огромна предност на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти СДС, велат од владејачката партија преку соопштение.

„Потиснат од ваквите резултати на јавното мислење, каде народот јасно потврдува дека не гледа опција во СДС, Филипче се впушта во романса со Бугарија сметајќи дека така ќе успее да им се допадне на граѓаните.

Така, Венко Филипче се претвори во специјален бугарски пратеник кој е спремен да истурка промена на уставот за внесување на Бугарите, сметајќи дека така ќе успее да дојде на власт, наместо со победа на избори.

Над 80% од македонските граѓаните сметаат дека уставни измени под бугарски диктат не е реформски чекор кон ЕУ и дека оваа отстапка не треба да се прави без предвидливост на евроинтегративниот пат и гаранции дека тоа ќе е последната отстапка која Бугарија ќе ја бара од нас.

Но, сепак, за Венко Филипче и лојалистите на Зоран Заев собрани во врхушката на СДС ова не е важно и ако е до нив, тие уште утре ќе ги прифатат и потпишат бугарските барања.

Оваа поданичката политика на Филипче и СДС кон Бугарија и Радев, веќе видена со Зоран Заев, не оди на добро на државата, а уште помалку му оди во прилог на Венко, чувар на партиската фотелјата на Заев.

Едно е сигурно, ако Филипче продолжи со ваквиот понижувачки и вазалски однос кон Бугарија и Румен Радев, уште повеќе ќе се маргинализира на политичката сцена, затоа што македонските граѓани таков однос не прифаќаат и не одобруваат.

Народот добро знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги штити националните интереси и токму затоа даваат и огромна поддршка на владејачката коалиција како на изминатите избори, така и на последователните истражувања на јавното мислење“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.