Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Албулена Хаџиу при што беше реафирмирана поддршката на дијалогот меѓу Приштина и Белград, како и унапредување на стабилноста и евроатлантските аспирации на регионот.
На маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Албулена Хаџиу, вршител на должноста претседателка на Република Косово.
На средбата, обете изразија подготвеност за унапредување на македонско-косовските односи во интерес на стабилноста и европската иднина на регионот.

Таа изрази поддршка на евроатлантските аспирации на Косово и подготвеност за споделување на македонските искуства и експертиза.
Претседателката истакна дека ќе продолжиме да ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО, како и аспирациите на Косово за членство во регионалните и меѓународните организации и иницијативи.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од успешната примена на „Едношалтерскиот систем“ на граничните премини Блаце и Јажинце.
Според неа, потребно е поголемо искористување на европските фондови за модернизација на граничната инфраструктура и отворање нови гранични премини.

Во однос на безбедносните прашања, Сиљановска-Давкова ја реафирмираше поддршката на дијалогот Приштина - Белград, со посредство на Европската Унија.
Според неа, ваквиот пристап и помирувањето претставуваат единствен одржлив пат кон стабилност, безбедност и соработка во Западен Балкан.
Обете се согласија дека македонско-косовската економска соработка бележи континуиран напредок, а Косово останува еден од нашите најзначајни трговски партнери.











