[ВИДЕО] Муцунски од Софија: Македонија е заложник на некоректна блокада, за идентитетот и јазикот нема преговори

Макфакс

10/06/2026

16:07

578

Големина на фонт

а а а

Министерот Тимчо Муцунски од Софија порача дека силните национални иденитети не треба да се градат преку напади врз туѓите, истакнувајќи дека идентитетските прашања не треба да го спречат патот на регионот кон европската иднина и нагласувајќи важност од меѓусебна почит и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Ние сме заложник на една некоректна и непринципиелна блокада на нашиот европски пат и тоа е она што сакаме да им го објасниме на нашите колеги во Бугарија. Никој нема интерес од ова што се случува во моментот. Губат двете држави економски, политички, губат и граѓаните, народите на двете држави, кога се создава ваков тип на недоверба, истакна денеска во Софија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој претпладнево учествуваше на министерскиот состанок на Партнерството за соработка во ЈИЕ, а попладнево е дел од македонската делегација на Самитот на шефови на држави и влади која ја предводи претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

Говорејќи денеска во Софија, каде учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Муцунски нагласи дека во Европа во 21 век треба да преовладува меѓусебната почит и прифаќањето на различностите.

„Јас сум цврсто убеден дека силните идентитети немаат потреба да се градат преку напади на туѓите идентитети. Напротив, во Европа во 21. век треба да имаме капацитет да ги славиме нашите различности, да се почитуваме и да не се врзуваме со прашања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, туку да гледаме кон заедничката иднина која нѐ обединува“, изјави Муцунски.

Осврнувајќи се на односите меѓу Македонија и Бугарија, министерот оцени дека двете држави имаат заеднички интерес да напредуваат во процесот на европска интеграција.

Тој истакна дека постои простор за продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително одбраната, безбедноста, економијата и образованието, додавајќи дека случувањата од последните години создаваат непотребни поделби меѓу двата народа.

„Сите овие случувања од последните години вештачки ги двојат народите на двете држави, но значајно е да имаме поглед кон иднината и да не се врзуваме за прашања од минатото“, рече Муцунски.

Во однос на договореното решение од 2022 година, тој посочи дека Скопје и Софија имаат различни толкувања за обврските што произлегуваат од него, нагласувајќи дека напредокот е можен само врз основа на меѓусебна доверба.

Министерот Муцунски во Софија учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите во рамки на бугарското претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа.