Македонија започна процес за приклучување кон европската иницијатива „Роаминг како дома“, која ќе овозможи мобилни услуги по домашни цени во земјите од ЕУ, носејќи пониски трошоци и подобри услови за комуникација и економска соработка.
Македонија го започна процесот за приклучување кон европската иницијатива „Роаминг како дома“, истакна Драгана Бојковска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
Со ова, како што рече, ќе им се овозможи на граѓаните да користат мобилни услуги, повици, интернет и СМС-пораки во земјите од ЕУ, по цени како домашните.
Ова, оценува таа, претставува директна придобивка за граѓаните, која ќе донесе пониски трошоци, олеснета комуникација и подобри услови за прекугранична соработка.
„Со усогласувањето на домашната законска рамка со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации, Владата го заврши својот дел од обврските и ја подготви Македонија за следната фаза од процесот на приклучување кон европскиот роаминг простор.
Разликата е очигледна.
Додека од СДС, се уште се обидуваат да ја убедат јавноста дека европската агенда е нивен приоритет, и покрај фактот што зад себе имаат оставено само неисполнети ветувања, ВМРО-ДПМНЕ работи на конкретни придобивки за граѓаните“.
Овој процес, според неа, е уште еден доказ дека кога институциите се водат одговорно и домаќински, резултати има. ВМРО-ДПМНЕ, додаде, нуди политики кои имаат директен бенефит за граѓаните и конкурентноста на македонската економија.







