Зеленски: Свесни сме дека вниманието на светот сега е насочено кон ситуацијата со Иран

Макфакс

09/06/2026

07:22

163

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одржа телефонски разговори со американските претставници за да ги обноват преговорите за завршување на војната во Украина, нагласувајќи дека и покрај глобалното внимание на ситуацијата во Иран, мирот во Европа останува врвен приоритет.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера разговараше по телефон со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во обид да ги оживеат разговорите за ставање крај на војната во Украина.

„Благодарен сум им за нивната подготвеност да се посветат што е можно повеќе во наредните недели на оживување на дипломатијата насочена кон ставање крај на војната на Русија против Украина“, објави Зеленски на социјалните мрежи по повикот.

„Свесни сме дека вниманието на светот сега е насочено кон ситуацијата со Иран. Но, нашата заедничка цел за мир во Европа останува на дневен ред“, продолжи тој, додавајќи дека имал „многу позитивен“ разговор додека бил на аеродромот во молдавскиот главен град Кишињев.

„Разговаравме за перспективите во контекст на самитот на Г7, кој се очекува во Франција кон средината на јуни, и други настани во јуни“, рече тој, додавајќи дека ги информирал своите соговорници за „намерите“ на Москва, пренесува АФП.

Украинскиот лидер постојано ја споменуваше можноста за посета на двајцата претставници на Киев, што би била прва таква посета откако започна руската инвазија во февруари 2022 година. На почетокот на јуни, тој се пожали дека организацијата на посетата трае „многу долго“, признавајќи дека Иран во моментов е „проблем број еден“ за Вашингтон.

Во последните месеци, неколку рунди разговори со посредство на САД не успеаја да ги доближат Киев и Москва до договор, а процесот се забави бидејќи вниманието на Вашингтон се префрли на Иран.