Индустријата за велнес е полна со совети за тоа како да се намали ризикот од рак, но онколозите предупредуваат дека не постои едно чудотворно решение. „Ракот обично е последица на комбинација од генетика, стареење, начин на живот, изложеност на фактори од животната средина, а понекогаш и едноставно на лоша среќа“, објаснува д-р Амар Ревари за „Parade“.
Сепак, лекарите истакнуваат дека одредени навики можеме да ги контролираме и на тој начин да намалиме дел од ризиците.
Затоа онколозите особено ги молат луѓето да престанат да користат стари и оштетени пластични садови за храна. „Изгребаните или напукнатите пластични садови обично се знак дека материјалот почнал да се распаѓа“, вели онкологот д-р Тингтинг Тан и додава дека оштетената пластика може да ослободува повеќе честички и хемиски соединенија во храната, особено при загревање.

Зошто треба да ги исфрлиме од кујната?
Според лекарите, проблемот станува поголем кога ваквите садови се користат за подгревање храна. „Топлината е еден од најголемите фактори бидејќи може да го засили преносот на хемикалии од пластиката во храната“, предупредува д-р Ревари. Тој истакнува дека долгорочно е побезбедно храната да се подгрева во стаклени или керамички садови.
Онколозите нагласуваат дека нема причина за паника ако некој со години користел пластични садови. „Многу луѓе веројатно користат заматени пластични садови за складирање и подготовка на храна, а немаат рак“, посочува д-р Рошани Пател. Сепак, тие препорачуваат да се заменат садовите што се напукнати, изгребани или задржуваат непријатни мириси.
Како подобра алтернатива, д-р Тан препорачува стаклени садови, кои ги опишува како свој прв избор за чување и подгревање храна. За добра опција ја смета и керамиката. Покрај тоа, онколозите советуваат да се ограничи внесот на силно преработена и загорена храна, како и на додаден шеќер.

Тие предупредуваат и на алкохолот, за кој истакнуваат дека е познат фактор на ризик за појава на рак. „Многумина се изненадуваат кога ќе слушнат дека алкохолот е познат фактор на ризик за рак и дека не постои научно докажана ‘безбедна’ количина за консумирање“, истакнува д-р Тан.
Лекарите порачуваат дека малите промени во секојдневните навики можат долгорочно да придонесат за подобро здравје.











