МЈА: Изјавата на Кошта е потврда дека државата се движи во вистинска насока

Макфакс

03/06/2026

09:24

227

Големина на фонт

а а а

Министерството за јавна администрација ја поздравува изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ја истакнува реформската агенда и позитивниот напредок што ја придвижува државата кон модерна и професионална администрација усогласена со европските стандарди.

Изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со која се поздравува напредокот на Република Македонија во спроведувањето на реформската агенда, особено во делот на реформата на јавната администрација, претставува значајно признание за посветената работа на Владата и Министерството за јавна администрација во изминатиот период, велат од Министерството.

Од таму наведуваат дека фактот што реформата на јавната администрација била издвоена како една од клучните области во кои е постигнат опиплив напредок, е потврда дека државата се движи во вистинска насока, кон изградба на професионална, ефикасна, отчетна и модерна јавна администрација, усогласена со европските стандарди и вредности.

„Министерството за јавна администрација во изминатиот период интензивно работеше на подготовка и реализација на реформските процеси, воспоставување на јасни механизми за професионализација на администрацијата, унапредување на управувањето со човечките ресурси, дигитализација на услугите и креирање политики кои обезбедуваат поквалитетни услуги за граѓаните и деловната заедница. Стратегијата за реформа на јавната администрација и позитивните оценки од европските партнери претставуваат резултат на заедничкиот труд, посветеноста и одговорноста на сите институции вклучени во реформскиот процес“, велат од Министерството.

Од таму велат дека за нив, ова признание претставува обврска да продолжат со уште поголема енергија, посилен интензитет и уште повисоки амбиции, како и дополнителен мотив во спроведувањето на реформите кои ќе обезбедат современа администрација по мерка на граѓаните и институции подготвени да одговорат на предизвиците на европската иднина.

„Остануваме целосно посветени на реформската агенда и на европскиот пат на државата, уверени дека секој постигнат резултат денес претставува нов чекор кон нашата заедничка цел, подобар животен стандард за сите граѓани и полноправно членство во Европската Унија“, велат од МЈА.