Автентичната куќа на улицата „Димитар Влахов“, лоцирана во непосредна близина на зградата на Општина Охрид, официјално замина во историјата. Деновиве започна нејзиното уривање, а според најавите на инвеститорот, на негово место ќе се изгради нова станбена зграда.
Уривањето предизвика реакции и револт кај дел од охриѓани, кои сметаат дека градот останува без уште еден препознатлив архитектонски белег. Според нив, исчезнувањето на ваквите објекти претставува загуба за урбаното и културното наследство на Охрид.
Во јавноста се отвори и дилемата зошто објектот никогаш не добил формална заштита како културно наследство. Активистите од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ во саботата поднеле барање за итна привремена заштита до надлежните институции.
Од организацијата посочуваат дека куќата претставува редок примерок на еклектична градска архитектура од периодот меѓу двете светски војни, изградена во 1927 година. Според нив, објектот содржел карактеристични архитектонски и декоративни елементи кои денес се зачувани во многу мал број, не само во Охрид туку и во државата. Тие побарале веднаш да се запре понатамошното оштетување на куќата и да се донесе решение за привремена заштита согласно Законот за заштита на културното наследство, по што би следела постапка за валоризација и утврдување на неговата вредност како добро од јавен интерес.
Од Завод и Музеј – Охрид велат дека објектот бил предвиден да биде евидентиран како градба со одредени споменични својства што заслужува заштита. Сепак, за почетокот на уривањето, како што информираат, дознале преку медиумите.

Од институцијата оценуваат дека јужната фасада на куќата поседувала архитектонски вредности, додека останатите делови биле значително изменувани низ годините преку доградби и интервенции за кои не поседуваат соодветна документација.
Воедно посочуваат дека до нив не било доставено барање од инвеститорот за мислење за усогласеност на новопланираната градба со Планот за управување со Охридскиот регион. Оттаму додаваат дека не биле запознаени ниту со намерата за рушење, ниту со изгледот на идниот објект.

Според Завод и Музеј, барањето за итна заштита пристигнало непосредно пред продолжениот викенд, а објектот бил урнат во неработен ден, што ја ограничило можноста за навремена реакција. Нивниот став е дека наместо целосно отстранување, фасадата требало да биде зачувана и интегрирана во новата градба, практика што често се применува во европските градови.
Од друга страна, од Општина Охрид истакнуваат дека постапката е спроведена согласно важечките закони и урбанистички прописи.
Според општинските информации, одобрението за градење е издадено на барање на сопственикот, врз основа на Деталниот урбанистички план усвоен во 2008 година и во согласност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Од Општината нагласуваат дека во постапката биле обезбедени сите неопходни согласности и одобренија од надлежните институции и дека активностите се реализираат во рамките на законската регулатива.
Редок пример на еклектична градска архитектура
Куќата се наоѓала во еден од најурбанизираните делови на Охрид, на улицата „Димитар Влахов“, во непосредна близина на Гимназијата „Св. Климент Охридски“. Објектот сè почесто се споменуваше во контекст на урбанистичките планови, јавните реакции и стравот од губење на културното наследство.
Според стручните проценки, вилата датирала од првата половина на XX век и претставувала редок пример на еклектична градска архитектура во Охрид — стил што го означува преминот од традиционална османлиска урбаност кон европеизиран буржоаски град.

Фасадата на вилата откривала јасен архитектонски јазик: строга симетрија, централно поставен влез и балкон со нагласена декоративна обработка. Столбовите и балустрадата внесувале неокласична монументалност, додека прозорците со полукружни завршетоци и украсни рамки создавале чувство на академска архитектонска дисциплина.
Станува збор за типична градска семејна вила од периодот на граѓанскиот подем, кога во Охрид се граделе објекти што требало да ја изразат социјалната положба на сопствениците, но и новата естетика на европскиот град.
За разлика од денешната густо изградена урбана структура, оваа вила била поставена во простор со зеленило и ограда, што укажува на поранешен урбан модел во кој куќите не биле залепени една до друга, туку имале сопствени дворови и простор за одвојување од улицата.




Фото: Fashionel














