[ФОТО/ВИДЕО] Таткото на загинатиот тапанар од ДНК: „И ден-денес не го оставаат гробот на мојот син. Не знам со какво срце и душа сè уште крадат“

Точка

01/06/2026

11:54

1.138

Големина на фонт

а а а

Драги Ѓоргиев, татко на трагично загинатиот тапанар на групата ДНК, Ѓорѓи Ѓоргиев, повторно ја вознемири јавноста со емотивна објава на социјалните мрежи, во која реагира на, како што тврди, континуирани кражби и оштетувања на гробот на неговиот син.

Во видео што го објави, Ѓоргиев со болка и разочараност посочува дека ова е веќе 14-ти пат гробното место на неговиот син да биде мета на вандализам или кражба. Тој вели дека не може да разбере како некој може да посегне по предмети оставени во спомен на починат човек и апелира до надлежните институции да преземат мерки за да се спречат ваквите инциденти.


„14 кражби на нашиот ангел и ден-денес не го оставаат гробот на мојот син. Не знам со какво срце и душа сè уште крадат од гробот. Да ми си здрава и жива тетке, која ли да си, и да ти се здрави и живи децата“, напиша Драги Ѓоргиев.

Случајот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните изразуваат поддршка за семејството и осуда за ваквото однесување. Многумина бараат поголема безбедност на гробиштата и посериозна реакција од надлежните служби.

Ѓорѓи Ѓоргиев беше меѓу жртвите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, настан што ја потресе целата македонска јавност. Неговата смрт остави длабока тага кај семејството, пријателите, колегите музичари и бројните почитувачи на неговата работа.


Новата објава на неговиот татко повторно го отвори прашањето за безбедноста на вечните почивалишта и за почитта кон споменот на починатите, особено кога станува збор за семејства кои веќе поминале низ огромна лична трагедија.