Романија донесе одлука да го затвори рускиот генерален конзулат во Констанца и да го протера рускиот генерален конзул, откако руски дрон удри во станбена зграда во градот Галац и повреди две лица.
Одлуката била донесена на итна седница на романскиот Совет за национална безбедност, свикана по инцидентот што предизвика силни реакции во Букурешт.
Претседателот Никушор Дан изјави дека Русија сноси целосна одговорност за настанот и дека дипломатските мерки се директен одговор на нападот.
Дрон удрил во десеткатница, евакуирани 70 жители
Инцидентот се случил ноќта меѓу 28 и 29 мај, за време на руски напад врз Украина. Според романските власти, дрон од типот „Геран-2“ удрил во десеткатна станбена зграда во Галац.
Ударот предизвикал експлозија и пожар во стан на деветтиот кат. Две лица биле пренесени во болница, а околу 70 жители биле евакуирани од објектот.
Романското Министерство за надворешни работи оцени дека станува збор за сериозна ескалација од страна на Москва.
НАТО изрази целосна поддршка
Претседателот Дан соопшти дека за инцидентот разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој го опиша случајот како најсериозен безбедносен инцидент на романска територија од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Од НАТО изразиле целосна солидарност со Романија и потврдиле дека Алијансата е подготвена да го брани секој дел од територијата на своите членки.
Можно активирање на членот 4 од НАТО
Романската министерка за надворешни работи, Оана Цоју, изјави дека инцидентот ги исполнува условите за повикување на членот 4 од Северноатлантскиот договор, кој предвидува консултации меѓу сојузниците кога е загрозена безбедноста на некоја земја-членка.
Претходно и вршителот на должноста премиер Илие Болојан најави дека властите разгледуваат дополнителни санкции против руски дипломати.
Остатоци од дронови пронајдени десетици пати
Според податоците на романското Министерство за одбрана, од почетокот на војната во Украина до денес, на романска територија дури 47 пати биле пронајдени остатоци од дронови поврзани со конфликтот.











