Илјадници луѓе на протест го блокираа алпскиот премин Бренер поради прекумерен сообраќај

Макфакс

30/05/2026

17:20

139

Големина на фонт

а а а

Илјадници луѓе протестираа на алпскиот премин Бренер поради зголемениот товарен и патен сообраќај, повикувајќи на итни мерки за намалување на влијанието врз локалните заедници и регионалната инфраструктура. Протестот и дополнителни проблеми како пожар на железничка пруга предизвикаа престои во сообраќајот.

Неколку илјади луѓе се собраа денеска на планинскиот премин Бренер на протест против сè поголемиот патен сообраќај долж еден од најпрометните европски сообраќајни коридори, кој ги поврзува северна и јужна Европа.

Демонстрантите во австриското место Матрај ам Бренер носеа транспаренти со натписи „Доста е“ и „Мир во долината“, повикувајќи на итни мерки за намалување на влијанието од товарниот сообраќај врз локалните заедници во алпскиот регион.

Бројот на демонстранти е сензационален. Ова ќе влезе во тиролската историја“, изјави Карл Милштајгер, организатор на протестот и градоначалник на блиската општина Грис ам Бренер.

Поради собирот, властите во Австрија и Италија ја затворија рутата Бренер за транзитен сообраќај од двете страни на границата до вечерните часови. Поголемиот дел од демонстрантите на местото пристигнаа со возови и велосипеди, а на возачите им беше препорачано да ги избегнуваат непотребните патувања, бидејќи пристапот беше ограничен главно на локалниот сообраќај.

Подметнат пожар на железничка пруга во Италија

Дополнителни логистички проблеми во регионот денеска предизвика и пожар на железничката пруга северно од Верона, кој целосно го наруши железничкиот сообраќај долж коридорот Бренер. Италијанската државна железничка компанија соопшти дека штетата на инфраструктурата била предизвикана од страна на засега непознати лица.

Дел од учесниците на протестот упатија јавни критики и до властите во германската сојузна држава Баварија поради одложувањето на планирањето на железничката пристапна пруга. Овој железнички правец треба значително да го намали метежот на автопатот откако во целост ќе биде завршен базниот тунел Бренер.

Статистиката ја потврдува преоптовареноста на рутата

Податоците од компанијата „Асфинаг“, која управува со автопатот, покажуваат дека во текот на 2025 година, овој автопат со наплата на патарина го искористиле речиси 11 милиони автомобили и околу 2,5 милиони камиони.

Според официјалните пресметки на Здружението за екологија и сообраќај направени минатата година, преку преминот Бренер поминале речиси трипати повеќе камиони отколку низ сите алпски транзитни рути во Швајцарија заедно.