Серија саботажи во германската воена морнарица: под лупа десет инциденти, сомнежот паѓа врз Русија

Макфакс

30/05/2026

15:33

355

Големина на фонт

а а а

Германската воена морнарица е цел на низа мистериозни саботажи во 2025 година, со десет инциденти под истрага. Сомнежите се насочени кон Русија, која, според безбедносните служби, можеби стои зад овие координирани напади како дел од хибридни операции.

Германската воена морнарица е погодена од се поголем број сомнителни инциденти кои будат аларм во безбедносните кругови. Од почетокот на 2025 година откриени се вкупно десет можни саботажи на воени бродови, а во јавноста сè погласно се поставува прашањето кој стои зад овие координирани напади, пишува Еуроњуз.

Последниот во низата инциденти се случи на крајот на февруари годинава во Вилхелмсхавен, кога на фрегатата „Рајнланд-Пфалц“ беше откриен засек од два сантиметри на цевката за гориво. Германската армија претпоставува дека штетата е нанесена намерно.


„Во принцип, можеме да потврдиме дека безбедносната ситуација за поморските единици во бродоградилиштата, како и за пловилата во изградба, е променета како резултат на неколку сомнителни случаи на саботажа“, изјави портпаролот на Бундесверот.

Иако случајот беше пријавен кај истражните органи во март, Државното обвинителство во Олденбург соопшти дека истрагата подоцна била прекината бидејќи не било можно со сигурност да се утврди дали станува збор за намерно оштетување, абење на материјалот или фабричка грешка.

Абразивен песок во моторниот простор и пресечени кабли

Претходно, во јануари 2025 година, беше забележан уште еден сериозен случај за време на инспекција во познатото бродоградилиште „Блом+Фос“ во хамбуршкото пристаниште. На воениот брод „Емден“ беа пронајдени неколку килограми абразивен песок (кој инаку се користи за чистење бродски површини) истурен директно во моторниот простор, што можело да предизвика огромна штета.


Во врска со овој случај беа уапсени 37-годишен Романец и 54-годишен Грк, за кои се верува дека работеле во пристаништето, но обвинителството сè уште не ги открива можните нарачатели.

Покрај овие случаи, во воената морнарица претходно беа забележани уште неколку диверзии. На еден воен брод беа комплетно пресечени каблите, со што беа оневозможени дел од системите. Во друг случај, отпадно масло беше намерно истурено директно во системот за питка вода на бродот.


Русија под сомнеж: Се регрутираат „агенти за еднократна употреба“

Според западните безбедносни кругови, зад овие операции најверојатно стои Русија. Германските разузнавачки служби го третираат Берлин како една од главните мети на руските хибридни напади, со оглед на тоа што Германија е еден од најважните сојузници и поддржувачи на Украина.

Сојузната служба за заштита на уставот и Сојузната криминалистичка полиција веќе издадоа официјално предупредување за таканаречените „агенти за еднократна употреба“.


Станува збор за лица кои најчесто се регрутираат преку социјалните мрежи за извршување саботажи, а за тоа добиваат паричен надомест, често исплатен во криптовалути за да им се изгуби трагата.

Хонорарите за помали саботажи почнуваат од неколку стотици евра, но за поголеми и поопасни задачи – кои вклучуваат уништување на воена опрема на земјите-членки на НАТО – сумите што им се нудат на овие извршители достигнуваат и десетици илјади евра.