[ВИДЕО/ФОТО] „Во сите интервенции сум бил храбар, но оваа ми е најважна“: Пожарникар од Скопје приреди незаборавно запросување на Денот на пожарникарите

Точка

22/05/2026

20:12

263

Големина на фонт

а а а

За време на прославата на 20-ти мај по повод одбележувањето на Денот на пожарникарите, еден романтичен момент ги разнежни скопјани кога пожарникар од скопската Противпожарна единица одлучи љубовта да ја круниса со незаборавно запросување.

Наместо денот да помине само во знакот на сирени, показни вежби и демонстрации, оваа година прославата донесе и силни емоции, насмевки и аплаузи. Пред очите на колегите, пријателите и присутните граѓани, храбриот пожарникар, облечен во униформа, клекна на колено и ја побара раката на својата сакана.


Во целиот момент активно учествуваа и неговите колеги, кои развија голем транспарент со порака:

„Во сите интервенции сум бил храбар, но оваа ми е најважната. Ќе се омажиш ли за мене?“.

Изненадената девојка не можеше да ги сокрие емоциите, а по неколку секунди неизвесност следуваше долгоочекуваното „ДА“, проследено со громогласен аплауз, овации и честитки од присутните.

Фотографиите и видеата од романтичниот чин веднаш почнаа да се шират на социјалните мрежи, каде граѓаните испраќаат бројни честитки и позитивни коментари, воодушевени од гестот на скопскиот пожарникар.

Овој несекојдневен момент уште еднаш покажа дека луѓето кои секојдневно се борат со огнот и ги ризикуваат своите животи за безбедноста на граѓаните, покрај огромната храброст, носат и големо срце исполнето со љубов и човечност.