Муцунски се сретна со бугарската министерка, Петрова

Макфакс

22/05/2026

16:30

148

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со бугарската министерка Велислава Петрова на маргините на НАТО министерскиот состанок во Шведска, каде што дискутираа за билатералните односи, регионалната соработка, европската интеграција и правата на македонското малцинство.

На маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Кралството Шведска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова.

На средбата беа разменети мислења за билатералните односи, регионалната соработка и европската интеграција на државата. Во таа насока министерот Муцунски ја нагласи потребата од изнаоѓање решение за билатералното прашање, кое го кочи процесот на отворање преговори со Европската Унија, потврдувајќи ги позициите на Владата и укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори.

Посебен акцент беше ставен на значењето на Коридор VIII и потребата од забрзување на активностите поврзани со отворањето на граничниот премин „Клепало“, како важен дел од регионалната инфраструктурна и економска поврзаност.

Министерот Муцунски го отвори и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.