Повеќе од два месеци откако беше избран за врховен лидер на Иран, Моџтаба Хаменеи сè уште не се појавил јавно ниту проговорил јавно. Сепак, додека кружеа гласините за здравјето и местото каде што се наоѓа таинствениот лидер, иранските функционери во последните недели почнаа да објавуваат низа информации за неговата состојба, обидувајќи се да им покажат на нацијата и на нејзините непријатели дека тој не само што е добро, туку и дека целосно ја контролира ситуацијата.
Претседателот Масуд Пезешкијан месецов прв пат јавно изјави дека се сретнал со Хаменеи. Неколку дена подоцна, беше објавено дека врховниот лидер разговарал со командантот на Централната воена команда, пишува „Фајненшл тајмс“.
Исламската Република, исто така, го објави најдеталниот извештај досега за повредите што Хаменеи ги претрпел во нападот на 28 февруари врз комплексот на неговиот татко и покојниот врховен лидер Али Хаменеи на почетокот на војната, обидувајќи се да ги поништи извештаите дека му е ампутирана ногата и дека претрпел сериозни повреди на лицето. Мазахер Хосеини, клерик и шеф на протоколот во канцеларијата на Врховниот лидер, овој месец изјави дека Хаменеи го преживеал бомбардирањето во кое загинаа неговиот татко, сопругата и другите членови на семејството бидејќи во тој момент бил веднаш пред целната зграда. „Тој бил на пат и се подготвувал да се искачи по скалите кога ракетата ја погодила целта… Ајатолахот Моџтаба бил погоден од ударниот бран и фрлен на земја“, рекол Хосеини. „Неговото колено и грбот биле лесно повредени. Грбот оттогаш му закрепнал, а коленото наскоро ќе се закрепне“, додал тој.

„Мора да бидете трпеливи. Тој ќе се појави и ќе држи говори кога ќе дојде време“, истакнал Хосеини. Серијата официјални изјави за Хаменеи се дизајнирани да испратат порака дека тој е главен и дека ќе ја донесе конечната одлука дали Техеран ќе прифати договор со САД за завршување на војната, по недели напнати преговори за нуклеарната програма на Иран и повторното отворање на Ормускиот теснец. Иранските функционери почнаа поотворено да зборуваат за состојбата на Хаемнеи по критиките за разговорите од страна на ултра-тврдокорните кои се противат на какви било отстапки, но и за да ги смират шпекулациите дека моќната Револуционерна гарда всушност управува со земјата.
„Тие сакаат да покажат дека ништо не се променило… врховниот лидер беше на врвот на системот и сè уште е на врвот на системот“, изјавил Вали Наср, поранешен американски функционер и професор на Универзитетот Џонс Хопкинс. „И дека е жив, функционален и има контрола“. Тој додал дека Револуционерната гарда, исто така, сака да покаже дека „тој не управува со земјата и дека Хаменеи не е само фигура без вистинска моќ“. Американскиот претседател Доналд Трамп, кој јавно изрази фрустрација поради недостатокот на напредок во тајните разговори и одбивањето на Техеран да се согласи на неговите барања, минатиот месец се пожали дека раководството на Иран е „целосно хаотично“ и дека „тие немаат поим кој е нивниот лидер“.

Ваквите изјави беа дополнително поттикнати од отворените критики кон разговорите од страна на ултра-тврдокорните ирански пратеници од таканаречената фракција Пајдари, што поттикна шпекулации за внатрешни борби во владејачкиот естаблишмент на Иран.
Теократскиот систем долго време е составен од ривалски табори, различни политички фракции и центри на моќ, при што врховниот лидер традиционално го има последниот збор за клучните прашања од домашната и надворешната политика. Таткото на Моџтаба, Али Хаменеи, кој владеел со Иран 37 години, имал децениско искуство во управувањето со фракциски конфликти, а Иранците се навикнати нивниот врховен лидер да држи говори и редовно да се појавува во јавноста. Но, 56-годишниот Моџтаба се држеше настрана дури и пред да го наследи својот татко. Неговиот глас за прв пат се слушна јавно во кратко видео објавено во 2024 година, во кое тој го објави крајот на своите религиозни студии во Ком. Во март, државната телевизија објави второ видео во кое тој предава на група студенти по теологија на едно од своите предавања. Датумот на снимката, која е направена пред војната, не беше наведен.

Откако беше именуван за врховен лидер во март по тајните состаноци на Собранието на експерти, Хаменеи испраќаше само писмени изјави до државните медиуми. На почетокот, дури и кружеа шпекулации за тоа дали воопшто е жив. Портпаролот на иранското Министерство за здравство, Хосеин Керманпур, оваа недела изјави дека лицето на Хаменеи не е оштетено и дека ниту еден од неговите екстремитети не е ампутиран. Дипломатите тврдат дека тој функционира како лидер, но дека комуникациите меѓу Хаменеи, владата и војската се попречени од безбедносните мерки поради стравувањата дека Израел може да се обиде да го убие. Според дипломатите пораките се пренесуваат рачно за да се избегне користење на комуникациски уреди што можат да бидат следени. Еден дипломат рече дека развил управувачка структура и формирал два комитети за водење на медијациските напори, еден помал и еден поголем, кои му поднесуваат извештаи нему. Тие вклучуваат воени команданти, политичари и поранешни владини претставници.

Друг дипломат рекол дека Револуционерната гарда, најмоќната воена сила во републиката е единствено одговорна за неговата безбедност. Моџтаба Хамнеи развил блиски врски со Гардата откако служел како волонтер во војната меѓу Иран и Ирак во 1980-тите. Си-ен-ен овој месец објави дека американските разузнавачки агенции веруваат дека Хамнеи има клучна улога во обликувањето на воената стратегија заедно со високи ирански функционери. Пезешкијан рече дека неговата средба со новиот лидер траела речиси два и пол часа и била „срдечна“, „директна“ и „отворена“. Иранскиот аналитичар Саид Лајлаз рекол дека планот за децентрализација на донесувањето одлуки, надгледуван од таткото на Хаменеи пред војната во случај на американско-израелски напад, им овозможил на воените команданти поголема автономија во раните денови од војната.
Тој додал дека, со оглед на тоа што многу високи политички и воени лидери биле убиени за време на конфликтот, на новото раководство ќе му треба време да ги консолидира своите структури. „Ќе биде потребно време помладиот Хаменеи да добие исто ниво на контрола врз сите делови од иранскиот систем на владеење, особено на воено ниво, што го имал постариот Хаменеи“, истакнал Лајлаз. „Колку што разбираме, геополитичките и стратешките одлуки ги донесува лично ајатолахот Хаменеи, се разбира со помош на највисокото воено раководство“. Но, Али Ваез, експерт за Иран „Крајсис Груп“ смета дека Хаменеи повеќе дејствува како „печат за потврдување на одлуките“ на командантите на Гардата, вклучувајќи го и новиот началник на силите, Ахмад Вахиди, и други високи функционери.

Меѓу нив се Мохамед Багер Галибаф, моќниот претседател на парламентот кој ги води преговорите на Иран со САД и е близок до Гардата и Мохамед Багер Золгхадр, ветеран од Гардата кој беше назначен за секретар на Врховниот совет за национална безбедност за време на војната. Галибаф, кој ја предводел иранската делегација на разговорите со САД во Исламабад минатиот месец, не е виден јавно во Иран уште од раните денови на војната, додека Вахиди и Золгхадр исто така не се појавувале. Пезешкијан, од друга страна, претседава со Советот за безбедност и ги води секојдневните државни работи, но аналитичарите велат дека тој игра само мала улога во дипломатијата со САД и воените прашања. „Хаменеи не ги носи клучните одлуки, туку мала група долгогодишни лидери на Револуционерната гарда – луѓе како Галибаф, Вахиди и Золгхадр – ги носат клучните одлуки“, рекол Ваез.

Сепак, Наср верува дека иако војната го зголемила влијанието и моќта на Гардата, ситуацијата „не е баш како кај пакистанската армија“, која го има последниот збор за повеќето клучни одлуки за надворешна политика. „Тој мора да ја слуша Гардата, тие ја водат војната; тие се одговорни за одбраната на земјата; тие влијаат врз него. Но, тој не е целосно под нивна контрола, мислам дека тоа е претерување“, нагласил Наср. „Тешко е да се каже дали тој не се среќава со голем број луѓе затоа што тие не му дозволуваат или затоа што е премногу опасно да се изложи на голем број луѓе. Тоа ќе остане нејасно некое време“, додал тој. Аналитичарите сметаат дека оваа неизвесност ќе продолжи сè додека режимот верува дека постои ризик од продолжување на војната и нови обиди за атентат врз неговите лидери. „Луѓето кои ги носат овие одлуки сакаат да бидат сигурни дека земјата не избира нов лидер на секои неколку недели или месеци“, изјавил Фоад Изади, професор на Универзитетот во Техеран. „Безбедносните мерки се спроведуваат за да може Бенјамин Нетанјаху повеќе да убие ниту еден од нашите лидери“, заклучил тој.













