Министерот Тимчо Муцунски одржа работен појадок со амбасадори на земјите членки на Европската Унија, при што се разговараше за актуелните реформски процеси и потребата од забрзување на евроинтегративниот процес во Република Северна Македонија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа работен појадок со амбасадорот на Европската Унија во земјата, Михалис Рокас, и амбасадорите на земјите членки на Европската Унија акредитирани во Република Северна Македонија.
На средбата, Муцунски ги информираше присутните за актуелните политички и реформски процеси во државата, со посебен осврт на напредокот во исполнувањето на обврските поврзани со отворањето на преговорите со Европската Унија. Во таа насока, беше презентиран и напредокот во изработката на Акцискиот план за почитување на правата на заедниците, како и тековните активности во рамки на Реформската агенда и останатите обврски од европскиот интегративен процес.
Посебно беше нагласена и континуираната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и поддршката за Украина, како јасен показател за стратешката определба за полноправно членство во Европската Унија.
На средбата беа разменети мислења за реформските приоритети и евроинтегративниот процес на државата, со акцент на потребата од негово забрзување.
Во таа насока, беше истакната важноста од засилена регионална соработка, искористување на концептот на постепена интеграција, размена на искуства и континуирана поддршка од земјите членки на Европската Унија.
Средбата е дел од редовниот дијалог со претставниците на земјите членки на Европската Унија, насочен кон отворена размена на мислења и координација околу прашањата поврзани со европската интеграција на државата.







