Пред една година, основачот на технолошка компанија Ден Томсон тврдел дека покренал држава со која управува вештачка интелигенција на остров.
Дванаесет месеци подоцна, иако вели дека илјадници луѓе веќе се пријавиле да станат граѓани на неговиот експеримент, не е целосно убеден дека тоа ќе заврши добро.
Томсон тврдел дека во 2025 година стекнал остров во живописната филипинска провинција Палаван. Го нарекол според својата компанија за вештачка интелигенција, Сенсеј (Sensay), го прогласил за микродржава, основал совет од ботови управувани од вештачка интелигенција, моделирани според историски лидери, за да управуваат со него и отворил пријави за престој.
На прашањето што би можело да тргне наопаку, Томсон во интервју за „CNN Travel“ одговорил: „Ако почне да набавува оружје и да напаѓа соседни острови, тоа би била лоша ситуација. Мислам дека тоа е исклучително малку веројатно“.

Иако островот Сенсеј (Sensay) нема да има меѓународно правно признание како држава, експериментот отвора интригантни прашања и, се чини, привлекува интерес. Во моментов на островот живее само еден жител, чувар по име Мајк.
„Мислам дека на крај имавме околу 12.000 луѓе кои изразија интерес да се преселат во земјата“, истакнал Томсон.
Иако Томсон рекол дека веќе има договор за закуп и права за развој на островот, не одговорил на барањето да ја потврди документацијата што ја поседува.
„Имаме место веројатно за околу 30 вили на островот. Не е огромен, но не е ни ништо“, рекол Томсон.
Тој открил и кој би можел да дојде на островот.
„Мислам дека тоа главно ќе бидат посетители, можеби ќе има и некои постојани жители, но претежно посетители кои доаѓаат од соседните острови“, додал тој.

Владата на Палаван не одговорила на барањето на Си-ен-ен за коментар за својот став во врска со новата управа што е наметната на претежно ненаселениот остров.
Некои од оние кои се пријавиле сега помагаат во покренувањето на проектот. Пјотр Пјетрушевски-Гил е еден од нив. Тој не е нов во светот на микродржавите, бидејќи претходно се обидел да основа сопствена.
„Во јули 2025 година работев на мојата микродржава и создадов некои модели на вештачка интелигенција, моделирајќи историски личности како, на пример, Цицерон“, рекол тој.
„И тогаш го пронајдов островот Сенсеј. Му реков на пријател: ’Овој човек направил нешто многу пософистицирано од нас‘“, раскажал тој.
Тој го контактирал Томсон и сега себеси се опишува како „раководител на проектот“. Според замислата, советот на вештачката интелигенција ќе расправа за предлозите на граѓаните, ќе гласа и ќе носи одлуки. Луѓето ќе ги спроведуваат тие одлуки.
Програмата за физички престој треба да започне во 2027 година, додека е-државјанството стартува веќе ова лето.
Томсон верува дека главната предност на проектот е токму отстранувањето на човечките слабости.

„Без лобисти, без лични интереси и мотивации, туку сè да остане чисто објективно, врз основа на нивните историски личности“, порачал тој.
Сепак, проектот не бил пречекан само со воодушевување. Алондра Нелсон, соработничка на Институтот за етика во вештачката интелигенција на Универзитетот во Оксфорд е многу скептична.
„Мислам дека тоа е апсолутно смешно тврдење. Буквално секој ден гледаме како вештачката интелигенција излегува од контрола. Постојат толку многу случаи во кои вештачката интелигенција ги влошува работите или ги прави подеднакво лоши“, нагласила таа.
Нелсон исто така предупредила дека целиот концепт е антидемократски, бидејќи го започнал еден човек.
Томсон ги признал ризиците, но истакнал дека станува збор за општествен експеримент и додал дека најголемиот ризик сепак е човечкиот фактор.
„Најголемиот ризик е некој да предложи да бидеме жестоки, моќни и освојувачки настроени … Ме фасцинира да дознаам што ќе се случи“, заклучил тој.













