Во последните денови низ Скопје се појави мистериозен билборд кој веднаш ја разбуди љубопитноста на граѓаните и предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
На билбордот е истакнат телефонски број и необична порака: „Најстрашниот звук по сообраќајна несреќа? Јави се и слушни“. Токму оваа реченица, оставена без никакво објаснување, отвори простор за различни претпоставки и теории за тоа што стои зад кампањата.

Дел од скопјани велат дека се обиделе да се јават на бројот, но дека повикот само ѕвони без никој да се јави, што дополнително ја зголемува мистеријата. Засега нема официјални информации за тоа дали се работи за реклама, општествена кампања или некаков експеримент, ниту пак кој е авторот на иницијативата.

Пораката брзо се прошири и на социјалните мрежи, каде граѓаните споделуваат различни претпоставки – од маркетинг трик до потенцијален социјален проект со подлабока порака.
Во отсуство на официјални објаснувања, билбордот останува обвиен со мистерија, а интересот на јавноста сè повеќе расте.







