Хаос на еден од најпрестижните светски настани: „Како на вечера да поканите сериски убиец“

Точка

09/05/2026

19:37

487

Големина на фонт

а а а

Светскиот конфликт оваа година се надвил и над Венециското биенале, со истовремено присуство на Русија, Украина, Израел и Палестинците, а украинската министерка за култура таквиот „микс“ го опишала како ситуација во која „на вечера со пријатели ќе поканите и сериски убиец“.

Во градините, каде што во саботата за јавноста беше отворен најголемиот светски настан за современа уметност, рускиот павилјон беше поставен на само неколку чекори од скулптурата на елен, спасена од украинската линија на фронтот.


Враќањето на Русија на 61. Биенале, од кое таа земја во повеќе наврати отсуствуваше по инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, предизвика негодување кај меѓународната заедница откако беше најавено на почетокот на март.

„Да ги поканите овде на Биеналето е како да поканите сериски убиец на вечера со пријатели“, коментирала во четвртокот во Венеција украинската министерка за култура Тетјана Бережна.

Русија убила 346 украински уметници

Оние кои тврдат дека војната не треба да ја менува уметноста и дека сите треба да бидат добредојдени на овој престижен фестивал „целосно грешат“, изјавила Бережна за АФП, додавајќи дека Русија од почетокот на војната убила 346 украински уметници.


„Кога Русија доаѓа во нашата земја, тогаш се уништуваат нашите библиотеки, се палат нашите книги и се уништуваат нашите музеи. Во оваа војна, културата е цел“, рекла таа.

Покрај Русија и Украина, во Венеција се застапени и други земји вклучени во конфликти, меѓу кои се Соединетите Американски Држави и Израел, кои на крајот на февруари го нападнаа Иран.

Техеран, кој првично требаше да учествува на престижниот културен настан, на крајот одлучи да се повлече.

Оваа година Израел има свој павилјон во Арсенале, поранешното бродоградилиште кое служи како дополнителен изложбен простор на Биеналето и се наоѓа недалеку од украинскиот.

Палестинците немаат павилјон, туку изложба „Газа – Без зборови – Погледнете ја изложбата“

Палестинците, чија држава Италија не ја признава, немаат сопствен павилјон, но се претставени со изложба посветена на Газа во „Palazzo Mora“, насловена „Газа – Без зборови – Погледнете ја изложбата“.


„Навистина не постои начин да се опише ужасот што им е нанесен на Палестинците во Газа и мислам дека не би сакале да бидеме на истото место со луѓето кои го направиле тоа“, изјавил кураторот на изложбата Фајсал Салех, основач на Музејот на Палестина во американската сојузна држава Конектикат.


Полицајците стационирани во близина на рускиот, израелскиот и американскиот павилјон се потсетник дека глобалната геополитичка ситуација го прави соживотот меѓу завојуваните земји — а тоа се однесува и на областа на уметноста — потенцијално експлозивен.



Во петокот, според италијанската новинска агенција Анса, новите пропалестински протести во Венеција собрале околу 2.000 луѓе. Тие се побуниле против присуството на Израел на Биеналето.

Уметниците како гласноговорници?

Во средата, рускиот павилјон бил епицентар на протестите против присуството на Москва на Биеналето, додека членките на руската активистичка група „Pussy Riot“ и украинскиот феминистички колектив „Femen“ ја извеле својата прва заедничка акција — се појавиле со качулки преку главата и лицето и со голи гради.


„Кога Биеналето би почнало да избира не дела, туку припадност, не визии, туку пасоши, би престанало да биде она што отсекогаш било: место каде што светот се спојува, уште повеќе кога светот се распаѓа“, рекол во средата претседателот на Биеналето, Пјетранџело Бутафуоко.


Израелскиот уметник Белу-Симион Фаинару за АФП изјавил дека поделбите на Биеналето „го уништуваат значењето на уметноста… а тоа значи — да ги обединува луѓето“.

„Мислам дека светот на уметноста не треба да го сведуваме на политичка арена“, додал скулпторот, чија инсталација се вика „Роза на ништожноста“ и претставува воден базен што се напојува преку систем капка по капка.


Таков став изразил и заменикот на италијанската премиерка, Матео Салвини, кој во петокот го посетил Биеналето.

„Не мислам дека американските, кинеските, израелските или руските уметници се гласноговорници на трајните конфликти“, рекол тој.

Во „Palazzo Mora“, околу сто различни везени дела, рачно изработени од палестински жени во бегалски кампови, репродуцираат слики „поживописни од фотографии“ од она што се случувало во Газа во изминатите две години, објаснил Салех.


Судирот околу учеството на Русија и Израел на Биеналето минатата недела резултираше со оставка на целото жири, а оваа година нема да биде доделен ниту „Златниот лав“, што досега никогаш не се случило откако фестивалот првпат бил одржан во 1895 година. Наградите ќе бидат доделени на крајот на настанот и тоа не врз основа на одлуките на жирито, туку според јавно гласање.

Италијанските медиуми објавија дека 20 национални павилјони на денот на отворањето на Биеналето останале затворени, бидејќи персоналот одбил да работи во знак на протест поради учеството на Израел.