СДСМ: Се случува намерна блокада на европскиот пат на Македонија

Макфакс

07/05/2026

15:12

149

Големина на фонт

а а а

СДСМ преку соопштение за јавност реагира дека постојат, како што наведуваат, контрадикторности во изјавите на власта во однос на евроинтегративниот процес на Македонија.

Во соопштението се наведува дека сè уште не е формирана новата влада во Бугарија, а премиерот Христијан Мицкоски, како што тврдат од СДСМ, веќе најавува влошување на односите меѓу двете земји. Тие се повикуваат и на изјава на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека „нема услови за уставни измени“, што според СДСМ е спротивно на претходни најави за исполнување на реформската агенда.

Од опозициската партија оценуваат дека историската комисија работи континуирано, но дека нема јасен напредок во процесот, како и дека постојат различни пораки од бугарската страна во однос на прашања поврзани со јазикот и евроинтеграциите.

СДСМ тврди дека власта создава политички тензии и конфликти наместо да се фокусира на реформи и европскиот пат на државата. Во соопштението се наведува и дека единствена алтернатива за земјата е членството во Европската Унија.

Опозициската партија оценува дека актуелната влада нема волја за реформи и дека приоритет ѝ е задржување на политичка контрола, додека истовремено потсетува на процесот на членството во НАТО како пример за брзи интеграции во минатото.

СДСМ порачува дека „доаѓа време на вистина, правда и одговорност“.