Трамп му се закани на Иран: Прифатете го договорот или ќе следи уште побрутално бомбардирање

Макфакс

06/05/2026

16:08

239

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави порака на социјалната мрежа „Truth Social“ во која зборуваше за можен договор со Иран и предупреди на последиците доколку преговорите не успеат.

„Под претпоставка дека Иран ќе се согласи со она што е договорено, што е можеби прилично оптимистичка претпоставка, веќе легендарната операција „Епски бес“ ќе биде завршена, а исклучително ефикасната блокада ќе овозможи Ормускиот теснец да биде ОТВОРЕН ЗА СИТЕ, вклучително и Иран“, напиша Трамп.

Во исто време, тој се закани со нови воени акции доколку Техеран го отфрли предложениот договор.

„Ако не се согласат, бомбардирањето ќе започне и тоа ќе биде, за жал, на многу повисоко ниво и поинтензивно од претходно“, рече американскиот претседател.

Порталот „Axios“ денес објави дека Белата куќа верува дека е многу блиску до постигнување договор со Иран за меморандум за разбирање од една страница, со кој би се ставил крај на војната и би се поставила рамката за подетални преговори за нуклеарната програма на Иран.

Според извори запознаени со преговорите, американската страна очекува одговор од Иран за неколку клучни прашања во следните 48 часа.

Иако сè уште не е постигнат конечен договор, изворите тврдат дека преговорите во моментов се најблиску до договор од почетокот на конфликтот.

Што предвидува нацрт-договорот?

Според нацрт-документот, Иран би се согласил на мораториум за збогатување на ураниум, додека САД за возврат би ги укинале санкциите и би ослободиле милијарди долари замрзнати ирански средства.

Исто така, двете страни би ги укинале ограничувањата поврзани со преминувањето низ Ормускиот теснец, еден од најважните поморски патишта во светот за транспорт на нафта.