Гаши од Копенхаген: Бараме правичен и предвидлив европски пат без нови одложувања

Макфакс

04/05/2026

15:07

133

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се обрати на првиот ден од Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство, што се одржува во Копенхаген, посветена на темата „Европа во променливиот светски поредок: безбедност, проширување и улогата на парламентарната соработка“.

Во своето обраќање, Гаши истакна дека Северна Македонија останува цврсто посветена на членството во Европската Унија и оцени дека проширувањето е еден од најголемите успеси на Унијата и инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на континентот.

Тој посочи дека процесот на пристапување е сложен и долготраен и бара сериозни реформи во јавната администрација, правосудството и економијата, но нагласи дека државата ги прифаќа тие предизвици затоа што се важни за нејзините граѓани и иднината.

Гаши рече дека годините одложувања, менувањето на критериумите и растечкиот скептицизам во рамките на Унијата предизвикале замор и фрустрација, доведувајќи ја во прашање довербата во процесот.

„Нашата посветеност останува цврста. Бараме процес за напредок кој е правичен, предвидлив и заснован на заслуги“, порача Гаши.

Тој ја нагласи и важноста на парламентите на земјите членки на ЕУ и на Европскиот парламент во процесот на проширување, оценувајќи дека тие се суштински партнери во евроинтегративниот пат на земјите кандидатки.

Воедно, Гаши порача дека внатрешните реформи на ЕУ не смеат да бидат причина за одложување на проширувањето и дека двата процеса треба да напредуваат паралелно.

На крајот, тој изрази надеж дека Европската Унија ќе одговори на новите геостратешки околности со визија и одлучност, правејќи го понатамошното проширување камен-темелник на својата иднина.