Студенти и експерти заедно во Преспа: Архитектонско документирање на културното наследство

Точка

30/04/2026

14:14

190

Големина на фонт

а а а

Во рамки на проектот ACT4PRESPA, се реализираше неколкудневно архитектонско снимање и документирање на значајни објекти во Преспанскиот регион. Активноста беше спроведена во соработка помеѓу НУ Завод и музеј – Битола и Архитектонски факултет – Скопје, Институтот за заштита на градителско наследство, историја на архитектура и уметност.

Од страна на студентите се изврши архитектонско снимање на три сакрални и еден профан објект, со што на студентите им се овозможи практична работа на терен и воедно беа непосредно запознаети со карактеристиките и вредноста на дел од недвижното културно наследство на ова подрачје – изјави Зоран Алтипармаков - Конзерватор советник во НУ Завод и музеј –Битола.

Студентите и стручните лица работеа на детално архитектонско документирање на следните објекти: црквата Св. Ѓорѓи во Ресен (19 век), манастирот Рождество на Пресвета Богородица во с. Сливница (17 век), црквата Св. Петар и Павле во с. Љубојно (20 век) и индивидуален објект, претставник на традиционалната архитектура во с. Љубојно.


Изборот на објектите беше направен во заедничка координација помеѓу експертите од двете институции, врз основа на нивната културно-историска вредност и состојба на зачуваност. Во активноста учествуваа вкупно 65 лица на првиот ден, а во наредните денови по 31 учесник, вклучувајќи студенти, професори и стручни лица од двете институции.

Проф. д-р Елизабета Касапова за соработката и значањето на истата истакнува: „Архитектонскиот факултет во Скопје во рамки на наставата по предметот Заштита на градителското наследство во 8 семестар традиционално изведува теренска настава која вообичаено трае еден ден. Со учеството во проектот ACT4PRESPA студентите од Архитектонскиот факултет имаа ретка можност да изведат повеќедневна теренска настава во која се извршија теренски истражувања и техничко документирање на сакрални и профани објекти во регионот на Преспа. На тој начин студентите имаа интензивен тренинг во совладување на вештините за теренско документирање на објекти и извонредна можност за посета и престој во повеќе значајни споменици на културата како што се Сливничкиот манастир, црквата во Курбиново, селото Љубојно со своите карактеристични куќи и др. Впечатоците и стекнатото искуство од работата за студентите и професорите од Архитектонскиот факултет се драгоцени, со искрено задоволство околу организацијата и логистиката кои за сите денови беше на највисоко ниво.“


Претходно, беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Маргарета Спасов, директорка на НУ Завод и музеј – Битола и проф. д-р Анета Христова - Поповска деканка на Архитектонски факултет – Скопје, со што се постави основа за заеднички активности во областа на заштита и истражување на културното наследство.

Според д-р Мери Стојанова, кустос советник и координатор на проектот:


„Архитектонското документирање претставува еден од клучните чекори во процесот на заштита на културното наследство. Со овие активности добиваме прецизна документација за состојбата на објектите, која понатаму може да се користи за нивна ревалоризација, конзервација, реставрација и дигитална презентација. Особено е важно што во овој процес се вклучени студенти, бидејќи тие не само што стекнуваат практично искуство, туку и развиваат свест за значењето на зачувувањето на културното наследство.

Активностите во рамки на проектот ACT4PRESPA продолжуваат и во наредниот период, со цел систематско истражување, заштита и промоција на културното наследство на Преспа.