Пратеникoт Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, денес на 49 седница на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, говореше за темата која политичката партија Левица ја изнесе во јавноста, околу затворање на РЕК Битола. Тој вели дека Левица смета дека 3000 луѓе треба да останат без работа, а домаќинствата да плаќаат и до 30% повисока цена. Според него, Левица е несериозна политичка партија, и треба да им се извини најпрво на сопствените поддржувачи и симпатизери.
„Така и Левица, ќе се обиде да крене паника за една тема, нивните гласачи и поддржувачи ќе видат, дека тоа врска нема со реалноста, втор пат ќе се обиде, трет пат, и веќе луѓево почнаа да коментираат дека Левица е апсолутно несериозна политичка партија и дека за жал, ги лаже своите сопствени поддржувачи, кревајќи теми кои што врска нема со реалноста“, вели тој.
Петрушевски вели дека од Левица најпрво треба да им се извинат на нивните поддржувачи, затоа што не се работи за нов закон за минерални суровини, како што пишуваат по нивните социјални мрежи.
„Ставаат слики од пратеници дека се носело нов закон и дека, замислете, во дворовите на граѓаните, во нивните дворови, ќе дошле странци и ќе им копале. Тоа го прави Левица.“, истакна тој.
Петрушевски додава дека гледајќи од аспект на геостратешката ситуација во цела Европа, како и позицијата на Македонија, небулозно е да се тврди дека РЕК Битола треба да се затвори, како што велат од Левица. Тој посочи дека преку 70% од електричната енергија, базна, ја произведува РЕК Битола.
„Ние како држава стратешки, без сериозна стратегија која што ќе биде усогласена нормално со меѓународните организации и стандарди, и во овој геополитички однос не можеме ни да помислиме дека можеме граѓаните, првенствено на Македонија, да ги оставиме без електрична енергија“, кажа Петрушевски и додаде:
„Оваа дебата се емитувала во живо на страницата на Левица. Еве да му се обратам на поддржувачите на Левица од Битола, да знаат дека нивната политичка партија се залага да се затвори РЕК Битола и 3.000 битолчани да останат на улица, односно, како што беше овде кажано, да останат под грижа на Министерството за социјална политика“.
Петрушевски рече дека претходната власт се залагала, преку либерализирање на пазарот на електрична енергија, за домаќинството, што би значело, како што вели тој, по автоматизам 20-3-% поголема цена на електрична енергија.
„Доколку она за која што се залага Левица да се продава струјата, електричната енергија, по пазарна вредност да ја биде цената, по автоматизам ќе значи дека крајниот потрошувач, односно домаќинствата во Македонија ќе треба да плаќаат до 30% поголема електрична енергија“, истакна Петрушевски.
Тој им се обрати на пратениците од Левица, и им посочи дека доколку имаат нешто кое што сметаат дека е погрешно, во делот на енергетиката и минералните суровини, постои легитимна можност да изработат предлог законски решенија.
„Поднесете ги. Ќе дебатираме сериозно на темата, ако сакате јавни расправи, ќе организираме, ќе ги повикаме и надлежните министерства, нема проблем, поднесете и ќе дебатираме. Меѓутоа, она кое што мора да го знаете, е дека ВМРО-ДПМНЕ излегла со сериозна, квалитетна политичка програма, со луѓе кои што таа програма ја потпишале и ја легитимирале на избори и добиле огромна поддршка да ја реализираат таа програма“.
Петрушевски кажа дека на Македонија и треба економски раст и развој, и според него, ВМРО-ДПМНЕ работи на тоа граѓаните да имаат поголеми плати, приходи, и да живеат подостоинствен живот.
„Сите инвестиции кои што ги набројувате овде, кои што го критикувате, ќе бидат реализирани, затоа што тоа е потребно на Македонија, затоа што им е потребно на граѓаните на Македонија, затоа што не сакаат да бидат под Министерството за труд и социјална политика, туку напротив сакаат да имаат достоинствени приходи, за оној труд којшто го вложуваат“.















