На денешен ден во 1947 година е роден еден од најдобрите мајстори со топка на сите времиња – легендарниот Холанѓанец Јохан Кројф.
Јохан Кројф беше вистински уметник и голем бунтовник. Икона на холандскиот и светскиот фудбал и вистински револуционер на фудбалскиот терен.
Својата професионална кариера Кројф ја започна со 16 години во Ајакс (1964 година). Помина девет години во клубот, одигра 240 натпревари и постигна 190 голови.
Со блескавиот Кројф, тимот од Амстердам освои три последователни титули во Купот на шампионите.
Златната генерација на Ајакс беше и ’рбетот на холандската репрезентација која во 1974 година ги испиша најубавите страници во нивната репрезентативна историја. На Светското првенство во Западна Германија „Лалињата“ стигнаа до финалето, каде што беа поразени од домаќинот. Најдобар играч на првенството беше токму Кројф. По шампионатот беше подготвен да се посвети на својата мисија во Шпанија.
Интересно, на следниот Мундијал не сакаше да настапи. Домаќин беше Аргентина, каде владееше воена диктатура, а бунтовникот Кројф го објасни своето отсуство со зборовите:
„Како да играм фудбал на километар од зграда во која мачат луѓе?“
Во Шпанија владееше десницата на Франко, а Реал беше максимално фаворизиран. Најголем товар плаќаа Атлетик Билбао и Барселона. Во 1973 година Кројф сериозно се скара со управата на Ајакс, која сакаше да го продаде во Реал, па замина кај својот поранешен ментор Ринус Михелс, кој ја водеше Барселона.
Навивачите на Барса веднаш ги освои со зборовите: „Не можам да играм за клуб кој го води Франко“, и јасно покажа што мисли за шпанскиот диктатор. Не му пречеше тоа што Барселона беше во долниот дел од табелата.
Во сезоната 1973/1974 ја предводеше Барселона до победа од 5:0 во Каталонија, а народот излезе на улиците да слави. „New York Times“ тогаш објави дека Кројф за 90 минути направил повеќе за Каталонија отколку сите политичари кои со децении се обидувале. Клубот со серија од 17 последователни победи стигна до првата титула шампион на Шпанија уште од 1960 година.
Барса со Кројф доби нов идентитет – брзина, флексибилност, делуваше непобедливо … Неговата дрскост и самодоверба, и на теренот и надвор од него, влеваа храброст.
На 4 мај 1988 година управата на Барселона го постави Кројф за тренер наместо Луис Арагонес и го направи најдобриот можен потег. Многумина сметаат дека неговиот тим беше ултимативниот „дрим тим“ на Барселона.
Следеше фудбалска револуција. Во 1992 година Барса ја освои титулата европски шампион, а за Кројф се зборуваше дека е еден од најдобрите тренери во историјата.
Неговиот пад започна во 1994 година со убедливиот пораз во финалето на Купот на шампионите од Милан со 4:0.

Страстен пушач
Уште од тинејџерските денови беше страстен пушач. Тоа значително влијаеше на неговото здравје. Заболе од рак на белите дробови. Беше оптимист и долго се бореше со болеста, но во 2016 година ја загуби битката.
Најдобри изјави:
„Зошто да не можеме да победиме поскап тим? Никогаш не сум видел вреќа со пари да постигне гол.“
„Квалитет без резултат е бесмислен. Резултат без квалитет е досаден.“
„Јас сум поранешен играч, поранешен технички директор, поранешен тренер, поранешен менаџер и поранешен почесен претседател. Одлична листа која јасно покажува дека сè има крај.“
„Ако почнам да трчам малку порано од другите, тогаш изгледам побрз.“
„Има само една топка на теренот, затоа мора да биде кај тебе.“
















