Кривичниот суд им определи мерка ефективен притвор на шестмина осомничени за фалсификуваниот ботокс и филери кои им биле вбризгувани на пациентки во Македонија, на 4 лица им определи мерка куќен притвор а останатите деветмина добија мерки за претпазливост.
Мрежата е под истрага поради сомнежи дека шверцувала ботокси и филери кои во Македонија се сметаат за лекови и медицински средства, без притоа да ги регистрира во Агенцијата за лекови и медицински средства, без ботоксите и филерите да имаат етикети, декларации и проверки, и тоа со посредство на еден цариник кој е осомничен дека примал мито – за потоа овие филери и ботокси да бидат употребувани врз жени во Македонија кои вршеле естетски интервенции. Ботоксите и филерите се од брендовите „Револакс“ и „Диспорт“.
Од Министерството за здравство немаат излезено со препораки што да преземат пациентките кои што биле третирани со овие фалсификати, ниту пак дали е потребно да направат некакви испитувања.
Министерот за здравство Азир Алиу ја поздрави акцијата и апелираше пациентите да користат услуги само од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита, иако докторите што се приведени се токму такви – лиценцирани и вработени на специјализирани државни универзитетски клиники за дерматологија.







