Снимката на која се гледа како китови и делфини си играат заедно во океанот, направена непосредно покрај островот Некер, ги воодушеви корисниците на социјалните мрежи.
Имено, претприемачот Ричард Бренсон на својот профил на Инстаграм споделил видеоснимка на која се прикажани делфини и китови како заедно си играат и пливаат во океанот, непосредно покрај островот Некер.
Бренсон во описот на видеото истакнал дека овој момент претставува симбол на успехот во глобалните напори за зачувување на морскиот живот, а воедно повикал и на посилна заштита на морските видови и нивните живеалишта.
„Оваа глетка совршено го симболизира успехот во зачувувањето на морските екосистеми. Секоја година забележуваме сè повеќе китови, што покажува дека напорите за зачувување на природата даваат резултати“, напишал Бренсон.
Додека еколошката ситуација во светот, особено во однос на политиките за заштита на животната средина, често е загрижувачка, ова видео носи позитивна приказна. Имено, глобалните напори за зачувување на китовите, кои пред неколку години беа на работ на исчезнување, сега даваат резултати. Благодарение на меѓународната соработка, китовите се враќаат во своите природни живеалишта, а нивните популации повторно растат.






