Зеленски: Нема да зборуваме за Украина „малку подоцна“, Украина не е „малку подоцна“

Макфакс

23/04/2026

09:29

178

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека војната во Иран го одвлекла вниманието од руската агресија против неговата земја.

Во интервју за Си-ен-ен, тој рече дека постои „голем ризик“ во ставот дека напорите за прекин на борбите во Украина би можеле да бидат одложени додека не се реши конфликтот во Иран.

Во разговор со Кристијан Аманпур од неговата канцеларија во Киев вчера, Зеленски рече дека, и покрај техничките разговори со Соединетите Американски Држави, тој не „гледа можност за средба… додека не се затвори прашањето за Иран“.

Тој нагласи дека „предизвикот“ е што истиот американски преговарачки тим – предводен од претставникот Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер – води разговори и за Иран и за Украина.

Иако разбира дека САД во моментов се фокусирани на војната во Иран, тој нагласи дека е важно да не се заборави Украина, каде што борбите продолжуваат. Украинскиот лидер рече дека одложувањето не е опција.

„Нема да зборуваме за Украина ‘малку подоцна’. Украина не е ‘малку подоцна’. Украина веќе е во толку голема трагедија, мора да најдеме начин паралелно да се справиме со неа.“

Зеленски, исто така, за Си-ен-ен изјави дека војната ги попречила испораките на клучно оружје за Украина, особено против-балистичките ракети. Тој рече дека Украина не добива доволно од нив поради ограничениот производствен капацитет на САД.