„Влен“: Целосен консензус за финалната верзија на реформите во високото образование

Макфакс

21/04/2026

13:56

129

Големина на фонт

а а а

На денешната средба на партнерите од владејачката коалиција е постигната целосна согласност за финалната верзија на пакет-закони за реформи во високото образование, соопштија од коалицијата ВЛЕН.

Од таму велат дека реформите имаат за цел да создадат пофер, поквалитетен и поинклузивен систем, нагласувајќи дека не станува збор само за законски измени, туку за поширока трансформација на академскиот сектор.

Една од клучните новини е укинувањето на Х-индексот како основен критериум за избор на академски кадар. Според ВЛЕН, оваа одлука овозможува побалансирано и меритократско вреднување, при што ниту еден вработен нема да го изгуби работното место. Наместо тоа, ќе се воведат нови механизми за поттикнување на професионалниот развој и напредување.

Во процесот на подготовка на реформите, како што наведуваат, имало континуирана комуникација со ректори и професори, со цел барањата на универзитетите, особено на оние на албански јазик, да бидат вклучени во законските решенија.

Дополнително, се предвидува најдобрите универзитети да вршат рангирање за организирање на трет циклус студии, што според ВЛЕН ќе придонесе за зголемување на квалитетот. Универзитетите на албански јазик, велат од коалицијата, ќе имаат рамноправна и конкурентна улога во овој процес.

Како пример за поддршка, се посочува и инвестиција од околу 40 милиони евра за кампусот на Универзитет „Мајка Тереза“, со цел зајакнување на нивниот капацитет и конкурентност на национално и меѓународно ниво.