Трамп: Ќе ја таргетираме клучната инфраструктура на Иран

Макфакс

20/04/2026

08:29

130

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека САД ќе ја таргетираат клучната инфраструктура во Иран доколку Техеран не го прифати понудениот договор, додавајќи дека тој им дава шанса и на мирот и на војната.

„Доколку не се постигне договор, ќе ги таргетираме нивните мостови и електрани. Доколку не го потпишат овој договор, целата земја ќе биде уништена“, изјави Трамп за „Фокс њуз“, повторувајќи ја заканата дека може да ја „уништи цивилизацијата“ во Иран.

Трамп истакна дека САД продолжуваат да нудат „фер и разумен договор“, но дека не ја исклучува употребата на сила доколку Иран ја отфрли понудата, додавајќи дека „време е да се стави крај на иранската машина за убивање“.

Трамп додаде дека САД се подготвени за уште посилни напади од кога било досега, нагласувајќи дека на Иран не смее да му се дозволи да поседува нуклеарно оружје.

Во исто време, Трамп го исмеа Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГК), наведувајќи дека Техеран го прогласил затворањето на Ормускиот теснец, иако, како што тврди, американската блокада е веќе во сила.

„Тие ни помагаат без да знаат, додека самите губат стотици милиони долари дневно“, рече Трамп.

Тој оцени дека во Иран постои внатрешна нестабилност, со конфликти меѓу умерените и радикалните фракции, додавајќи дека „никој не победува“.

Трамп, исто така, изјави дека американската морнарица „одработила исклучителна работа“, тврдејќи дека не се соочила со сериозни предизвици.

Според него, неодамнешните акции на Иранската револуционерна гарда претставуваат „целосно кршење“ на прекинот на огнот, вклучително и пукањето во Ормускиот теснец, за кое тврди дека било насочено кон француски брод и британски товарен брод, пренесува Танјуг. Тој додаде дека американските претставници одат во Исламабад, Пакистан, на преговори, кои треба да започнат утре вечер.

Како што изјави, неговите пратеници за Блискиот Исток, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, ќе патуваат во регионот, каде што во вторник ќе започнат разговори за евентуално дипломатско решение.