Европа очекува дека војната во Украина ќе заврши до 2030 година, што ѝ остава неколку години да се подготви за можни закани од Русија, изјави началникот на белгискиот Генералштаб, Фредерик Вансина, во интервју за „Le Soir“.
„2030 година ќе биде тежок период за Европа. До тогаш се надеваме дека војната во Украина ќе биде завршена. Русија ќе има армија од 650.000 до 700.000 искусни војници“, предупреди тој. Според него, Европа до тогаш мора да ги зајакне сопствените одбранбени капацитети и да достигне ниво на воена подготвеност што ќе испрати јасна порака до Владимир Путин.
„До 2030 година мора да бидеме во состојба да му кажеме на Владимир Путин дека нема да добие војна против Европа без Американците. Имаме уште неколку години пред нас, благодарение на храброста и крвта на Украинците, кои ни го купуваат тоа време. Затоа ги поддржуваме толку одлучно“, додаде тој.

Русија и натаму има функционална воена економија
Вансина смета дека војната во Украина практично е во пат позиција, но дека Русија и натаму задржува значајни воени капацитети, со дури 700.000 искусни војници на бојното поле.
„Русија сè уште има функционална воена економија која секојдневно произведува воена опрема, а рускиот наратив останува воинствен и агресивен“, изјави белгискиот началник на Генералштабот.

Тој исто така ги истакна плановите на Владимир Путин за проширување на армијата на 1,5 милиони припадници, како и агресивната реторика за враќање на границите од 1997 година, што би значело потиснување на НАТО од Централна Европа.
„Штом овој конфликт во Украина заврши, Европа мора да биде доволно силна за да ја одврати Русија. Сето ова се случува во контекст на нашите актуелни односи со Соединетите Американски Држави“, заклучи Вансина.











