Половина од Венеција веќе денеска се наоѓа под критичното ниво, а најпознатиот плоштад Свети Марко, еден од најниските делови на градот, се издига на само 80 сантиметри над морската површина.
Североисточните и југозападните делови на лагуната, кои се наоѓаат на цврсто тло, веќе се еден до два метра под нивото на морето. Пјеро Лионело, венецијански климатолог од Универзитетот Саленто и координатор на новиот научен труд објавен во списанието „Scientific Reports“, зборувал за можните сценарија за Венеција. „Постојат четири стратегии за борба против порастот на нивото на морето, од преградување на лагуната до изградба на морски ѕид околу градот. Дури и најекстремната опција, демонтажа на Венеција и нејзина обнова на друго место“, објаснил климатологот за „La Repubblica“.

Сегашниот систем на подвижни бариери „MoSE“ може да го запре порастот на морето до најмногу 125 сантиметри. Од почетокот на 20 век морето во Венеција се покачило за 30 сантиметри, а „MoSE“ веќе се користи сè почесто. Во првите пет години од работата (2020 – 2025) бил активиран 108 пати, додека само во првите два месеци од 2026 година бил подигнат дури 30 пати. Лионело предупредил дека системот не е проектиран за ваква брзина на пораст на морето каква што денес се случува. „Ако нивото на морето се зголеми за 75 сантиметри, „MoSE“ би морал да остане затворен шест месеци годишно. На 125 сантиметри затворањето би траело повеќе од десет месеци, што целосно би го променило екосистемот на лагуната. Над 125 сантиметри бариерите веќе не би можеле да го запрат морето“, објаснил тој.

Една од можностите е изградба на фиксна брана што целосно би ја опколила лагуната и би ја претворила во затворено крајбрежно езеро. Трошоците би биле релативно ниски, меѓу 500 милиони и 4,5 милијарди евра, но во случај на пукање на браната, времето за евакуација на населението би било практично нула.
Најдрастичната, но технички изводлива опција што ја споменува Лионело е целосна релокација на градот, демонтажа на базиликата Свети Марко и на другите споменици, а потоа нивно повторно подигнување на побезбедна, повисока локација, слично како што било направено со египетскиот Абу Симбел во 1960-тите години поради Асуанската брана. „Технички тоа е можно, иако станува збор за екстремна хипотеза. Проценуваме дека трошокот би можел да достигне и до 100 милијарди евра, според примерот на Абу Симбел. Но вистинското влијание на таква операција всушност е непроценливо“, нагласил тој.

Ако не се преземе ништо сериозно, алтернативата би можела да биде постепено напуштање на градот. Венеција веќе изгубила огромен број жители. Порастот на нивото на морето би можел постепено да ја претвори Венеција во „празен град“, како што се случи со многу места погодени од земјотреси кои никогаш не беа обновени. Лионело истакнал дека климатските промени во овој век носат пораст на нивото на морето што би можел да надмине еден метар, а сигурно ќе надмине 40 сантиметри: „Важно е Венеција да ја сфати сериозноста на проблемот. Вистина е дека денес се соочуваме со тешкотиите на сегашноста, но мора да се подготвиме и за оние што доаѓаат утре. За MoSE да стане оперативен од првите законски мерки беа потребни 50 години. И следните големи заштитни мерки исто така ќе бараат децении“, истакнал тој.

Меѓутоа климатологот рекол и дека постојат мерки што можат да купат време – вбризгување вода во подземјето за да се подигне целата лагуна за околу 30 сантиметри, подигнување на најважните згради или создавање заштитени „стаклени острови“ околу клучните споменици. И покрај сè, Лионело нагласил дека Венеција веќе нема луксуз да чека.















