365 дена во една фотографија: Боби Кузмановски цела година го фотографирал Сонцето во исто време – резултатот е неверојатна аналема над Скопје

Точка

16/04/2026

15:09

1.223

Големина на фонт

а а а

Во астрономијата, аналема е дијаграм што ја прикажува положбата на Сонцето гледано од исто место, во исто време, во текот на една година – препознатливата крива во форма на бројот 8.

За да се добие ваква фотографија, потребни се огромна дисциплина и трпеливост: фотографите го снимаат Сонцето секој ден, во исто време, цела година, а резултатите секогаш се фасцинантни.

Токму таков подвиг реализираше македонскиот фотограф Боби Кузмановски, кој за првпат создаде сончева аналема над Скопје. Уникатната фотографија ја сподели на својот профил на Фејсбук, објаснувајќи дека сакал да ја спои оваа појава со препознатливата панорама на градот.

Конечната фотографија е резултат на едногодишен проект за документирање на патеката на Сонцето над Скопје. Секој ден, точно во 14:50 часот, тој го фотографирал Сонцето, приспособувајќи се само на промената од летно во зимско сметање на времето.

Сончева Аналема над Скопје


Одамна ме привлекуваа фотографиите на сончева аналема, онаа убава крива во облик на бројот 8...

Posted by Bobi Kuzmanoski on Wednesday, April 15, 2026

„Сонцето не го следи нашето поместување на часовникот, туку се движи според универзалното време (UT) и не знае дека ние ги поместивме стрелките за еден час. Па така јас го поместив фотографирањето за еден час и наместо во 14:50 сликав во 13:50. Така останував во чекор со Сонцето, а не со часовникот. Во март, кога се вративме на летно сметање на времето, сликањето се врати на 14:50“, вели фотографот.

Иако временските услови не секогаш биле идеални, тоа не го спречило да продолжи. Дури и при магла или делумна облачност, фотографирал, бидејќи најважна била точната позиција на Сонцето. Само во три наврати тоа било невозможно, па тие позиции на финалната фотографија се прикажани со послаб интензитет.

Познавaчите истакнуваат дека снимањето на сончева аналема е еден од најпредизвикувачките астрофотографски проекти, бидејќи бара 365 дена посветена работа и голема прецизност. Ваквите фотографии се ретки во светски рамки, а ова дело на Боби Кузмановски претставува прв ваков пример во Скопје и во Македонија.