Зошто му се радуваме толку на Саемот на книга?

Макфакс

16/04/2026

13:17

182

Големина на фонт

а а а

Саемот на книга е настан наменет за сите генерации, но особено во последните години се забележува сè поголем интерес кај младите, а читањето книги станува нов тренд на кој сигурно можеме да му се радуваме.

Малкумина знаат дека Саемот на книга во Скопје не е само за оние што веќе се вљубени во книгите, туку и за оние што допрва влегуваат во светот на читањето. Тоа е место каде може да се открие зошто читањето може да биде забавно и интересно, дури и ако мислиме дека баш и не ни се допаѓа до толку. Посетата на Саемот всушност може да биде баш забавно попладне или претпладне, забава за умот. Има толку многу различни видови книги, од авантуристички приказни до комични стрипови, што сигурно не постои човек што нема да најде нешто што ќе го насмее, ќе го заинтригира или ќе го натера да размислува.

Оваа година имаме можност да ја откриеме нашата приказна на Саемот на книга, кој ќе се одржи под мотото „Отвори прозорец кон нови светови“ во Скопје, во арената „Борис Трајковски“, од 23 до 29 април. Мотото симболично ја пренесува суштината на читањето, секоја книга е прозорец што не води кон нови искуства, нови мисли и нови светови. Воопшто не треба да се читаат дебели книги за да се ужива на овој настан. Може и само да се разгледува, да се слушаат интересни приказни од авторите или да се учествува во забавни активности кои ги има во изобилство на секој Саем на книгата. Можеби и ќе се пронајде книга која е толку возбудлива што ќе стане омилено четиво токму благодарејќи на ова скопско случување.


Она што малку луѓе го знаат е дека токму Саемот бил првиот вистински контакт со книгите за многу луѓе, тука откриле дека книгите не се толку лоши. Откриле дека може да најдат своја омилена приказна која ги однела во авантури без да патуваат или да направат било што подалеку од удобната фотелја.

По повод саемот од издавачката куќа ЕДУКА МАК изјавија дека “саемот на книгата секоја година го одбележуваме и го чувствуваме како празник на книгата. Тој значаен настан за нас – издавачите како и за авторите и посетителите - љубители на книгата, претставува топол дом, место каде се оживуваат приказните и каде се создават вистински врски помеѓу книгата и нејзините корисници. Оваа година планираме голем број промоции на кои ќе ги претставиме најновите наслови наменети за децата и очекуваме масовна посета, нова енергија и синергија што ќе ја поттикне љубопитноста и ќе ја зајакне љубовта кон книгата.


Со особена радост ќе ја претставиме најновата книга за деца ПОЛЖАВЧЕТО ШТО СИ ГО НАЈДЕ ПАТОТ од авторката Билјана Лотеска. Таа не е класична книга, таа е најчудната книга за деца, прва од ваков вид во Македонија, па и во светот. Таа се чита од средината: надесно или налево и обратно, а детето го избира патот по кој ќе појде. Книгата освен што се чита, таа се доживува транспортирајќи нова емоција. Таа е нежна, терапевтска приказна која го става детето во улога на креатор, истражувач и носител на одлуки. Секое дете става уникатен крај на приказната, учејќи за храброст, трпеливост, добрина, развива самостојност, самодоверба и емоционална интелигенција”.

Се гледаме на саем на книгата!