Mинистерството за образование на Обединетото Кралство објави дека Британскиот совет ќе ја преземе улогата на Национална агенција за Еразмус+.
На 17 декември 2025 година, Обединетото Кралство и ЕУ постигнаа политички договор според кој Обединетото Кралство ќе се приклучи на програмата Еразмус+ во 2027 година. Тој договор сега е правно формализиран во рамките на Договорот за трговија и соработка меѓу ЕУ и Обединетото Кралство.
Овој потег ќе им овозможи на институциите во Обединетото Кралство да ја искористат широката мрежа на можности за обука, образование и култура на Еразмус, а владата на Обединетото Кралство го опиша како „огромна победа за нашите млади луѓе“.
Оваа програма им овозможува на студентите да студираат во странство на партнерски универзитети и високообразовни организации преку можноста за добивање на грантови кои ќе им помогнат со трошоците за живот. Студентите кои учествуваат обично плаќаат школарина на своите матични институции, а дополнителните трошоци ги покрива Европската Унија, финансирано од парите на даночните обврзници.
Скот Мекдоналд, извршен директор на Британскиот совет, изјави: „Како Национална агенција за Еразмус+, Британскиот совет непосредно ќе соработува со Министерството за образование, децентрализираните управи и Европската комисија со цел максимално да ги искористи можностите на програмата за Обединетото Кралство.“
Поединци не можат директно да аплицираат за Еразмус – можат да аплицираат преку организации учеснички како што се училишта, младински групи, колеџи или преку нивните работни места. Индивидуалните програми можат да траат од два дена до една година и ги опфаќаат сите земји-членки на ЕУ, како и придружните земји – Исланд, Норвешка, Лихтенштајн, Србија, Турција и Северна Македонија. Програмата вклучува грантови за патување, сместување и трошоци за живот, како и надоместоци за курсеви и некои режиски трошоци.
„Еразмус+ има докажана репутација за внесување промени на животот, давање можност за учење и стекнување на искуство, обезбедување на перспектива за различните култури и негување на концептот на граѓани на светот, не само кога станува збор за студентите и персоналот која работи во високото образование, туку и во рамките на неформалното образование, училиштата, техничкото и стручното образование и обука, како и спортот.
Програмата ќе биде од огромна корист за широк спектар на луѓе од различно потекло од целото Обединето Кралство, преку обезбедување на поглед во светот и низа вештини вредни и за нив самите и за Обединетото Кралство“, рече Скот Мекдоналд.
Британскиот совет долги години е посветен на поддршката на меѓународната размена. Од 2014 до 2020 година, беше водечки партнер во Националната агенција Еразмус+ на Обединетото Кралство во рамките на која Еразмус+ даде значаен придонес во активностите за културни односи на Обединетото Кралство, преку финансирање на 8.091 проекти, ангажирање на 583.757 учесници од Обединетото Кралство и доделување на околу 1,1 милион евра на организации од Обединетото Кралство.















