Кино „Милениум“ се очекува повторно да се отвори во септември - МАТТО ќе обезбеди нов проектор

Точка

15/04/2026

16:49

522

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека киното „Милениум“ во скопскиот ГТЦ би можело повторно да почне со работа во септември годинава, откако ќе биде обезбеден нов проектор и завршени подготовките за негово ставање во функција.

Тој исто така рече дека Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО) ќе обезбеди проектор за киното Милениум, кое е затворено и во мрак од 2 април 2025, кога на својата фејсбук страна објави дека поради технички причини нема да прикажува проекции во следниот период.

Дигиталниот ДЦП проектор бил купен во 2012, а престанал да работи уште во 2023.

„Морам да истакнам дека општествено одговорни компании сериозно ни помагаат изминатиов период. Преку МАТТО исто ни се обезбедува проектор за градското кино. Јас бев во минатото четири години градоначалник на Oпштина Кисела Вода во којашто две кина оставив зад себе. Таму отворивме кино и во урбаниот дел во Кисела Вода, но и во Драчево, и логично е за еден голем град како нашиот град, каде што младите треба да ги насочиме повеќе кон културата, да им овозможиме пристап, евтини карти, евтини услуги, но да имаат свое градско кино. Се надевам дека до септември ќе биде ставено во функција. И тоа мислам дека е добар рок ако земеме предвид дека со години наназад не функционираше. Знаете дека таму и дрва имаше никнато зад сцената и имаше девијантни појави со години наназад, но еве полека ги решаваме“, рече Ѓорѓиевски на настан за Скопје – Европска престолнина на културата 2028, пренесе Сакам да кажам.