Бугарија нема да го смени ставот без силна реакција од ЕУ

Нетпрес

11/04/2026

12:58

132

Големина на фонт

а а а

Секој што верува дека со промена на Уставот или со отстапки ќе се решат проблемите – се лаже. Тоа е или неразбирање на политиката или свесно оттурнување на националните интереси“, истакна Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека одлуката на Комитетот за човекови права при Обединетите нации, со која се утврдува дека Бугарија ја прекршила слободата на здружување, тешко дека ќе има суштинско влијание врз официјална Софија без посилен меѓународен притисок.

„Јас не очекувам дека ќе има ефект врз политиката кај нашиот источен сосед, освен ако не се вклучи силна, робусна акција од Брисел“, изјави Мицкоски.

Посочи дека, според него, Македонија во изминатиот период добива сè повеќе меѓународна потврда за своите позиции, но оти тоа не значи автоматска промена на ставовите на Бугарија.

Премиерот упати и критики кон, како што ги нарече, политики на „меко ткиво“ во минатото кои ги воделе СДСМ, оценувајќи дека тие придонеле за, како што рече, отстапки во однос на македонскиот идентитет.

„Секој што верува дека со промена на Уставот или со отстапки ќе се решат проблемите – се лаже. Тоа е или неразбирање на политиката или свесно оттурнување на националните интереси“, истакна Мицкоски.

Според него, без јасен и координиран став од Европската унија, не може да се очекува промена во односите, иако ваквите одлуки, како што рече, ја зајакнуваат позицијата на земјава на меѓународната сцена.