Една Тиктокерка, која себеси се нарекува „корпоративна девојка“, стана вирална со својата „теорија за канцеларискиот воздух“. Таа тврди дека работната рутина во канцеларија може да го претвори чувството на привлечност од почетокот на денот во исцрпен изглед до неговиот крај. Нејзините забелешки поттикнаа расправа за тоа како работната средина влијае врз нашиот изглед и врз тоа како се чувствуваме.
„Сè ми стана јасно штом пред четири години почнав да работам со полно работно време“, рече Ноа Донлан за „People“. „Излегував од дома средена, но кога околу пладне ќе се погледнев во огледало во канцеларискиот тоалет, кожата ќе ми беше сува, косата масна и сплескана и едноставно повеќе не се чувствував како јас“.
Донлан вели дека тој дневен пад во изгледот продолжил дури и откако сменила неколку канцеларии. „Кога го спомнав тоа пред пријателите и семејството кои работат во канцеларии, веднаш знаеја за што зборувам, иако за тоа немаа назив“.
Што велат експертите?
Експертите истакнуваат дека флуоресцентното осветлување, често во канцелариите, е подеднакво штетно колку и непривлечно. Д-р Рос Леви, раководител на дерматологија во болницата „Northwell Northern Westchester“, објасни дека многу такви светилки емитуваат мали количини УВ-зрачење. „УВ-зрачењето е главната причина за стареење на кожата и значително придонесува за развој на рак на кожата“, предупредува Леви.
Покрај тоа, тука е и сината светлина што ја емитуваат LED-светилките и екраните на електронските уреди. „Неодамна е препознаено дека сината светлина ја оштетува ДНК и поттикнува оксидативен стрес, што ја влошува хиперпигментацијата и го забрзува стареењето, особено кај луѓе со потемен тен“, додаде тој.
Иако лошото осветлување е клучен фактор, Донлан смета дека лошата циркулација на воздухот и седечкиот начин на живот исто така негативно влијаат врз физичкото и менталното здравје, што се одразува врз изгледот во текот на денот.
Вирален феномен на социјалните мрежи
Незадоволна од она што го гледа во одразот, Донлан почнала да го документира своето искуство на социјалните мрежи. „Сфатив дека не можам да бидам единствената што го доживува тоа и тогаш почнав да создавам содржина за тоа“, рече таа. Нејзините објави обично го прикажуваат изгледот „пред и потоа“. Во едно видео во 9 часот наутро ја опишува својата коса и кожа како чисти, а лицето без отеченост. Веќе во 13 часот следи нова состојба: „косата масна, подочниците темни, лицето отечено“.
Нејзината теорија наиде на бројни реакции од луѓе кои се препознаа во чувството дека до половина од работниот ден изгледаат лошо. „Бев шокирана кога видов колку други луѓе, за жал, го доживуваат токму истото“, изјави Донлан. Коментарите ја потврдија нејзината теорија: „До ручек изгледам како болно викторијанско дете“, „Работата ме разгрдува, најсериозно го мислам тоа“, „Се враќам дома и како да сум остарела десет години само од работа“, се само некои од реакциите.
Постои ли решение?
Охрабрена од поддршката, Донлан се надева дека подлабоко ќе ја истражи својата теорија за да пронајде лек или барем превентивни мерки. „Мислам дека е време да се запрашаме што ги предизвикува овие проблеми и што можеме да преземеме во врска со тоа“, порача таа.
Експертите предлагаат неколку начини за ублажување на негативните ефекти од канцелариската средина. Важно е да се спие доволно, да се внесува доволно течности и да се јаде урамнотежена исхрана богата со антиоксиданси и омега-3 масни киселини, како што се овошје, зеленчук, јаткасти плодови, семки, ферментирана храна и риба.
Се препорачува и редовно вежбање, носење тонирана минерална крема за сончање со железни оксиди дури и во затворен простор, како и користење производи за нега на кожата со третиноин, хијалуронска киселина и витамин Ц. Повремени третмани за лице или хемиски пилинзи исто така можат да помогнат, како и престој на свеж воздух.










