Мицкоски: Нема да дозволиме непазарно однесување на ланците на маркети

Макфакс

08/04/2026

14:56

131

Големина на фонт

а а а

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на проценките за инфлацијата која е 4,9% и за тоа дали се потребни поголеми мерки, бидејќи потрошувачката кошничка во еден месец не може да се наполни ни со две минимални плати, изјави:

„Ако мислите на потрошувачката кошница којашто ја имаат синдикатите, односно Сојузот на синдикати, самите автори на истата рекоа дека таа е просечна, не минимална.“

Во однос на општите трошоци со оглед на тоа што секојдневно цените во маркетите се високи и дали треба да се направи уште нешто по тоа прашање, премиерот Мицкоски рече:

„Апсолутно се согласувам со вас дека цените се високи и дека она коешто ние како Влада го правиме, а го имаме на располагање, е да имаме следни микро таргетирани мерки. Но, ја следиме, ќе повторам, состојбата и ќе носиме мерки во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата. Затоа што, сепак треба да имаме предвид дека оваа година враќаме две и пол милијарди евра стари долгови. Дека оваа година враќаме солидарен данок, којшто веќе почнавме да го враќаме. Дека исплаќаме Колективни договори и така натаму и така натаму. И нѐ задесија две војни, таа во Украина и таа во Заливот. Многу предизвици, но тоа е што е. Не кукаме, не очајуваме. Заедно сме со граѓаните и нема да дозволиме непазарно однесување на ланците на маркети. И тоа внимателно го следиме со вонредни инспекциски контроли од страна на Државниот пазарен инспекторат.“