Во текот на месецот март, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 14 086 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2315 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одожени на јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад – 540 кубни метри се подигнати во општината Карпош.
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на скопските булевари, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија. Претпријатието го започна и сезонското машинско миење со употреба на автоцистерни што секојдневно се реализира во доцните вечерни часови.
ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месецот март реализираше еко-предавања и работилници во скопските училишта, во чиишто рамки 232 ученика беа запознати како преку правилното постапување со отпадот и примарната селекција да ја заштитат својата животна околина“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.









